Актуелниот светски шампион во Формула 1, возачот на Мерцедес Луис Хамилтон, рече дека повеќе нема да се осврнува на разочарувањето во Малезија и проблемите со моторот, кои му ја отежнаа борбата за титула, затоа што сега заостанува 23 бодови зад неговиот клубски колега Нико Розберг.
„Се разбира, минатиот викенд доживеав огромно разочарување. Не само јас, туку и целиот тим. Но, нема смисла да се навраќаме на тие работи. Тоа е негативна енергија. Се што можеме да направиме е да се свртиме кон следната трка, да одиме чекор по чекор и да ги направиме работите најдобро што знаеме“, рече Хамилтон, пренесува Скај спорт.
Хамилтон не ја заврши последната трка во Малезија, откако во 41 круг му експлодира моторот. Тој, пред тоа, беше на првото место и имаше 20 секунди предност. Британецот после трката беше лут и бараше одговори од Мерцедес.
До крајот на шампионатот останаа уште пет трки, а Хамилтон вели дека со многу позитивна енергија ја дочекува претстојната трка во Јапонија, во недела.
„Без оглед на се ќе пронајдам сила за да се борам во останатите пет трки. Ако успеам да го повторам она што го направив во Малезија и ако болидот издржи, тогаш можат да се случат добри работи, наведува тројниот светски првак.
Розберг трката за Големата награда на Малезија ја заврши на третото место, зад возачите на Ред Бул, Даниел Рикардо и Макс Верстапен. На почетокот на трката во него удри Себастијан Фетел од Ферари, поради што падна на 21 место, но на крајот успеа да се качи на подиумот.
„Минатата недела не беше сјајна за нас, за жал. Трката за мене беше готова практично и пред да почне“, вели тој.
Розберг се бори за прва шампионска титула во кариерата.
„Резултатот од Малезија оди во моја корист, што се однесува до борбата за титулата. Сакам да победувам, тоа е мојата цел во секоја трка, навел Розберг.