Актуелниот светски шампион во Формула 1, возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон рекол дека е уверен дека ќе се врати во добра форма за завршните трки во сезоната, дека ќе го врати водството во генералниот пласман и ќе ја освои четвртата титула светски првак.
Шест трки пред крајот на шампионатот Хамилтон заостанува осум бодови зад клупскиот колега Нико Розберг. Тие двајца неколку пати во текот на сезоната се сменуваа во водство, а Розберг победи во последните три трки и со 19 бодови заостанување, колку што имаше во јули, сега има осум бодови предност.
„Ќе ми бидат потребни добри резултати за да се вратам на првото место и да останам таму. Но, такви резултати имав многу и нема причини да не ги повторам“, рекол Хамилтон, пренесува Би-Би-Си.
На минатата трка во Сингапур убедливо победи Розберг, а Хамилтон го зазеде третото место.
„Во Сингапур имав тежок викенд, па мислам дека во такви ситуации пласманот на подиумот е успех. Сигурно дека Нико заврши исклучително добра работа, а јас, пак ќе речам, немав најдобар викенд. Но, така стојат работите, двајцата сме големи конкуренти. Еден викенд тој е сјаен, другиот јас, тоа е комбинација на многу работи“, рекол тројниот светски првак.
Тој додал дека не знае дали и кога работите ќе се свртат во негова корист.
„Ни останаа уште шест трки во шампионатот и морам да дадам се од себе и да се надевам на најдобро. Тоа е се што можете да направите“, навел Хамилтон.
Следната трка во шампионатот се вози во недела од 9 часот на патеката Сепанг за Големата награда на Малезија.
Трката во Малезија е една од само три во која возачите на Мерцедес минатата година не победиле. Мерцедес може да ја освои титулата во шампионатот за конструктори ако освои 36 бодови повеќе од Ред Бул.