Косовскиот претседател Хашим Тачи, заедно со претседателот на Комисијата за исчезнати, Пренк Детај, положи свежо цвеќе на споменикот на убиените Срби во Велика Хоча кај Ораховац и во Сува Река, во знак на сеќавање на жртвите од војната.
После посетата на меморијалот во Велика Хоча подигнат во знак на сеќавање на 84 жртви од српска националност, Тачи изјави дека се наоѓа таму за да побара вистина и помирување.
„Само што положивме цвеќе на споменикот посветен на 84-та српски граѓани од Косово, за да им оддадеме почит на жртвите без разлика на националноста. Тука сме за да ја побараме вистината и да побараме помирување“, изјави Тачи.
Тачи побара што побрзо да се расветли судбината на исчезнатите и да дојде до помирување.
„За помирување, секој од нас треба да биде над себе“, рече тој.
Косовскиот претседател вели дека за пронаоѓање на вистината е потребна пожртвуваност.
„Косово не треба да остане заложник на минатото, туку да изгради европска иднина“, рече Тачи.
Тој додаде дека од средбите што ги имал со семејствата на исчезнатите од сите етнички заедници, станал оптимист за можноста за помирување на Косово.
„Во текот на средбите кои ги имав со семејствата на исчезнатите, дознав една болна, но и оптимистичка вистина за иднината на Косово. Семејствата на исчезнатите ни кажаа дека болката ги обединила и сега се едно семејство кое дели болка, но и дека постои желба за помирување“, посочи Тачи.
Според него, семејствата на исчезнатите се пример и за другите како треба да се соработува еден со друг, за да се изгради мост на дијалог и соработка.
На крајот, Тачи побара што поскоро да се расчисти судината на исчезнатите.