Хашкото обвинителство денес побара Ратко Младиќ, обвинет за воени злосторства вклучувајќи и геноцид над повеќе илјади муслимани во Сребреница во 1995 година, да биде осуден на доживотна казна затвор.
Обвинителството во завршните зборови на судењето побара Младиќ да биде осуден за „организирано злосторство“ во текот на војната во БиХ од 1992 до 1995 година.
„Ќе биде навреда за жртвите, како за преживеаните така и за починатите, но и навреда за правдата да се додели каква било казна помала од најстрогата предвидена со закон“, рече обвинителот Алан Тигер во неговото последно обраќање до судскиот совет.
Обвинителот наведе дека „дошло времето генералот Ратко Младиќ да одговара за злосторствата против секоја своја жртва и заедницата која ја уништил“.
После завршните зборови на обвинителството, тимот на одбраната ќе ги изнесе своите аргументи, почнувајќи од 9 декември, па потоа на 12 и на 13 декември.
Секоја страна ќе има по час и половина за одговор во четврток, на 15 декември, најавено е од порано од трибуналот во Хаг.
Пресудата би можела да биде донесена на крајот на следната недела.
Младиќ, обвинет по две точки од обвинението во врска со војната во БиХ, го отфрла обвинението.
Судењето на генералот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, почна во мај 2012 година. Тој една година порано, после 12 години криење, беше уапсен во Србија и предаден во Хаг.