Благодарение на чуварот кој седел во својот автомобил пред стоковната куќа во Стокхолм, спасени се стотици животи во терористичкиот напад кој се случи во петокот во овој град
Дваесет и седумгодишниот Сантјаго Куева, роден во Еквадор, бил на пауза за ручек кога видел голем камион како со голема брзина се движи низ улица и коси се пред себе: улични светилки, клупи, жардињери со цвеќе ….
„Тогаш видов како луѓе летаат во воздух. Чуствував дека камионот сигурно оди право кон зградата на парламентот со цел да се забие во неа“, раскажува Куева.
Првата помисла, вели, му била да ги заштити луѓето и шведскиот парламент, одалечен отприлика 500 метри.
Момчето тогаш направило херојски чин. Се качил во комбе и тргнал право кон камионот.
„Не ми беше страв. Беше, всушност, чудно чувството. Камионот доаѓаше кон мене, а јас само се фокусирав да помогнам да ги заштитам луѓето на некој начин. Го одвезов комбето пред камионот како би го запрел да не може да оди понатаму“, изјави за „МаилОнлајн“ Еквадорецот Сантјаго Куева кој живее во Шведска од 1996 година.
Возачот на камионот во тој момент се испаничил и изгубил контрола над возилото кое почнало да се движи лево-десно и на крај се забило во трговскиот центар и се запалило, пишува „Јутарњи лист“.
Сантјаго Куева скокнал од комбето и притрчал да им помогне на повредените луѓе.
Терористот тогаш, верува Куева, ја искористил гужвата и паниката која завладеала во стоковната куќа и се втурнал во метежот и на тој начин избегал од местото на нападот.
Куева сеуште го мачи помислата што би се случило ако со колегата не се задржал на ручек надвор од продавницата 10 минути подолго од дозволеното. Можеби, си мисли, дека токму тогаш кога камионот косел се пред себе би ја минувал улицата, па тие 10 минути доцнење сигурно му го спасиле животот.
Семејството се гордее со својот херој, но тој не се чувствува така.
„Тоа беше моја должност. Носам униформа, а луѓето се огледуваат на некој кој носи униформа“, изјави Сантјаго и додаде: „Барем е добро чувството дека се обидов нешто да направам“.