Изјавата на хрватскиот претседател, Зоран Милановиќ, за состојбата во Украина, и дека Хрватска нема никаква врска со тамошниот конфликт заради што нема да дозволи ангажман на хрватски војници во рамките на НАТО, предизвика бура од реакции и внатре и надвор од државата.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и се извини на Украина за изјавата на Милановиќ дека „тоа е една од најкорумпираните земји“ и го демантираше неговото тврдење дека Хрватска ќе ги повлече војниците од Украина бидејќи, како што вели, таму и ги нема. Пленковиќ рече дека мислел оти зборува некој висок руски функционер кога ја слушнал изјавата на Милановиќ, и тврди дека претседателот на Хрватска зборувал најверојатно при „некаков напад на шеќер“.
Украина експресно ја повика хрватската амбасадор во Киев за да изрази протест против зборовите на Милановиќ. Украинските дипломати изразија „длабоко разочарување“ затоа што нивната земја „и помагала на Хрватска за време на нејзината борба за независност“.
Изјавите на Милановиќ предизвикаа реакции и во Русија, а за хрватскиот претседател тамошните медиуми тврдат дека „конечно е еден разумен европски лидер“.
„Милановиќ го истакна она што многумина во ЕУ го мислат, но не се осмелуваат на глас да го кажат“, изјави за порталот „Русија денес“ Тимофеј Бордачов, директор на Центарот за европски прашања и стратегија во Москва.
И многу други руски медиуми ги наведуваат зборовите на Милановиќ, со наслови „Дефицит на единство во НАТО“, „Хрватска ќе ја повлече својата војска од НАТО“, „Киев разочаран од изјавите на Хрватска“…