Во напуштена фарма, во реонот на таканаречената „црвена зона“ која веќе три недели се чешла во потрага по Игор Вацлавиќ, италијанската полиција пронајде огледало на кое била испишана пораката: „Ќе ве убијам!“
Дали заканувачката порака ја оставил токму Норберт Фехер (Игор Вацлавиќ), кому зад петиците му се стотина италијански специјалци, за сега не е познато, но огледалото е испратено на анализа.
Деталот поради кој истражителите се сомневаат дека „авторот“ на пораката е токму тој, е што пораката е напишана со доста правописни грешки, што би можело да укажува на тоа дека на оној кој ги испишал овие зборови италијанскиот не му е мајчин јазик.
Дополнителен сомнеж дека зад заканите стои токму прогонуваниот Вацлавиќ е дека огледалото е пронајдено во зоната во која се крие „Игор Србинот“.
„Пред неколку денови во тоа подрачје влегоа многу полицајци и претставници на законот и доста долго се таму, пребарувајќи ја секоја педа“, изјави жител на „црвената зона“.
Во куќата на напуштената фарма имало софа, регал, мала масичка и тркалезно огледало со натпис: „Ќе ве убијам!!!“, со истакнати три извичници.
„Се што пронајдовме внатре испративме на форензичка анализа“, изјави еден од истражителите.
„Игор Србинот“, како што го нарекоа италијанските медиуми, е баран поради убиство на Давид Фабри, педесет и двегодишен сопственик на бар во Болоња, кого го усмртил при грабеж на 1 април годинава, како и на шумскиот чувар Валериј Вери, кого го убил седум денови подоцна, кога полициската потера по него веќе почнала.
Фехер веќе 17 денови се крие во истата шува, а нервозата и фрустрацијата на италијанската полиција само растат.
Сепак, карабинерите не запираат со потрагата по осомничениот двократен убиец.