Цените на нафтата денеска паднаа на меѓународните пазари под 81 долар за барел. Америка го разгледува планот за продажба на нафта од стратешките резерви, а Русија порачува дека е подготвена да го стабилизира пазарот со природен гас.
На лондонската берза цената на барел падна за 16 центи во однос на претходното затварање, на 80.92 долари, а пак на американскиот пазар барел денеска се продаваше по 30 центи пониска цена, по 77.13 долари.
Пазарот на деривати на почетокот на неделата го здрма Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) и нејзините сојузници со одлуката за зголемување на резервите во ноември за само 400 илјади барели дневно, и покрај повиците на големите потрошувачи како што е САД на пазарот да се исфрлат значително повеќе барели.
Вчера цените ги „олади“ податокот на американската влада дека резервите на сурова нафта во САД во минатата недела пораснаа за 2,3 милиони барели. Аналитичарите очекуваа скромен пад, за 418 илјади барели.
Слегувачката траекторија на цената ја поддржа и изјавата на американската министерка за енергетика, Џенифер Гранхолм, за „Финансиал Тајмс“ дека кабинетот на претседателот Џо Бајден ја разгледува можноста за продажба на нафта од стратешките резерви за да се ублажи поскапувањето на бензинот.
Гранхолм не ја исклучи ни можноста за забрана за увоз на сурова нафта, која е укината во 2015 година.
„Вашингтон веројатно ќе продаде 60 милиони барели сурова нафта“, проценува инвестициската банка „Голдман Сач“, додавајќи дека тоа би значело дека на крајот на годината цената не би изнесувала 90 долари, како што моментно проценуваат, туку би била три долари пониска.
Вжештените пазари на енергенси ги разлади и вчерашната изјава на рускиот претседател Владимир Путин дека Русија ќе ја зголеми испораката на гас за Европа, во гасоводот преку Украина, за да го ублажи недостатокот во резервите и дека е подготвена да го стабилизира пазарот.
Таков потег ќе ја спушти цената на гасот од рекордното ниво кое на прагот на зимата може да влијае и на и онака тесниот снабден пазар на нафта, со оглед на тоа дека некои купувачи веќе бараат поефтини решенија во дериватите како што е, на пример, мазутот, напоменува Ројтерс.
„Проблемот со помалку снбдените пазари за нафта можеби ќе биде ублажен ако САД навистина одлучи да продаваат нафта од стратешките резерви, а ако Русија успее да испрати повеќе природен гас во Европа, тоа би можело да ја закочи замената на природен гас со нафта“, смета аналитичарот на УБС, Џовани Станово.
ОПЕК денес објави дека барел од референтната кошничка со нафта за неговите членки вчера чинеше 80.65 долари, што значи дека поскапел 25 центи во однос нс тргувањето од претходниот ден.
(Фото: ЕПА)