Владата на Чешка донесе одлука да и подари на Бугарија 740 илјади евра како помош за надзор на границата.
Пари ќе добие и Кралството Јордан. Ним ќе им бидат исплатени 370 илјади евра како помош за справување со мигрантскиот бран од Сирија.
Како што информираше премиерот Бохуслав Соботка, чешката помош за Бугарија е наменета за набавка на опрема и автомобили за граничната полиција, за градење на објекти за полицајците близу границата со Србија и за реконструкција на Центарот за регистрација и прием на бегалци во градот Харманли, во јужниот дел на Бугарија.
Чешката влада за решавање на бегалската криза испраќа парична помош и во други земји кои се наоѓаат во таканаречената Балканска рута.
Помош од по 740.000 евра добија Македонија и Србија, а на Грција и беа доделени 185 илјади евра.
Јорданската влада средствата од Чешка ќе ги искористи за поефикасно справување со бранот бегалци од Сирија и интеграција на Сиријците кои остануваат на јорданска територија подолго време.