Тоа што никому не му тргнало од нога го направи „Барса“ која пред своите навивачи ги надополни четирите голови минус и го совлада ПСЖ со 6:1 и обезбеди учество во следната фаза од Лигата на шампионите.
Каталонците тргнаа одлично, напаѓаа од првата минута и веќе во третата стигнаа до предност преку Суарез.
Ударот на Нејмар во 18 минута заврши само неколку сантиметри крај стативата, а наградата за нападите стигна во 40 минута после големата грешка на одбраната на гостите и автоголот на Курзава.
Домашната екипа тргна силно и во продолжението од натпреварот во 50 минута ја зголеми предноста. Миније во казнетиот простор го собори Нејмар, а Меси од белата точка беше сигурен реализатор.
Две минути подоцна стативата ги спаси домаќините после ударот на Кавани, но во 62 минута сјајниот напаѓач ја исправи грешката и одлично спуштената топка од Курзава ја смести во мрежата.
Тогаш изгледаше како да се предадоа играчите на Барселона. Беа свесни дека мораат да постигнат дури три голови. Дури и навивачите стивнаа. Го чекаа последниот свиреж на судијата.
Ди Марија во 85 минута премногу чекаше и пропушти идеална прилика да постигне гол.
А, тогаш, после тоа, Нејмар сите ги „разбуди“.
Во 88 минута изведе фантастичен слободен удар од околу 20 метри, ја испрати топката преку живиот ѕид, а неодлучниот Трап само со поглед ја испрати во мрежата.
Три минути потоа беше упатена долга топка кон Суарез, Маркињос беше крај него, Уругваецот падна, а судијата Ајтекин покажа уште еднаш на белата точка.
Одговорноста ја превзеде Нејмар, топката ја испрати во едната, а Трап во другата страна. Тоа значеше дека уште еден чекор ја дели неговата екипа од чудо.
Се играше судиското продолжение од пет минути. Истекуваа и последните секунди. Нејмар ја водеше играта на Барселона на средината на теренот, со добра финта го исфрли својот чувар, потоа упати прецизен центаршут во петерецот на ПСЖ, немаше офсајд, а Серџи Роберто ја испрати топката во мрежата и предизвика ерупција на теренот и на трибините.
https://www.youtube.com/watch?v=G5ICWY7ZZf4