Кралицата Силвија од Шведска е сигурна дека во палатата Дротнингхолм кај Стокхолм, во која живее со останатите членови од кралското семејство, ја прогонуваат духови.
„Имаме мали пријатели, духови. Тие се пријателски настроени, но понекогаш чуствувате дека не сте потполно сами“, вели 73-годишната кралица во документарниот филм што ќе биде емитуван наскоро од кој инсерти денес објави шведската телевизија.
„Тоа е навистина возбудливо. Но нема потреба од страв“, раскажува кралицата, ќерка на Бразилка и германски бизнисмен.
И сестрата на кралот, принцезата Кристина, слично размислува за палатата Дротнингхолм, резиденцијата на кралот Карло 16 Густаф и кралицата Силвија, изградена во 17 век на островот Ловон и ставена на листата на светски наследства под заштита на УНЕСКО.
„Има многу енергија во оваа куќа. Би било чудно и да нема духови“, вели принцезата Кристина во документарниот филм.
Шведска, каде мнозинството жители се атеисти, не е земја на суеверието, но има гласини и за други дворци во кои има духови.