Актуелната политичка и економска состојба во Македонија, како и мерките за справувањето со пандемијата и процесот на вакцинација, беа меѓу темите на телефонски разговор на премиерот Зоран Заев со неговиот шведски колега Стефан Левен.
Заев му се заблагодарил на Левен за поддршката на Шведска за интеграцијата на Македонија во Европската унија, како и за одличните билатерални односи меѓу двете земји.
Во однос на блокадата од страна на Бугарија, премиерот Заев го информирал својот шведски колега дека е во исчекување на формирање на новата бугарска влада, со цел да продолжи дијалогот и дека решенијата за отворените прашања ќе се најдат во рамките на Договорот за пријателство и добрососедство, кој е основа и за поинтензивна соработка меѓу двете земји.
Премиерот Заев го поканил Левен да ја посети земјава во првата можна прилика, со цел понатамошно продлабочување на соработката, пред сѐ во економијата, инвестициите, животната средина и здравството.
(Фото: МИА)