Шпанските фудбалски клубови од денеска повеќе нема да смеат на дресовите да носат реклами на кладилници и коцкарници, а пет прволигашки клубови сеуште не успеаја да најдат заменски спонзор иако се одиграни три кола од новата сезона.
Реал Сосиедад, Алавес, Кадиз, Гранада и Мајорка влегоа во новата сезона со дресови без испишани имиња на спонзорите на нив.
Фудбалерите на Кадиз, клуб од југот на Шпанија, во саботата последен пат истрчаа во жолти маици на кои пишуваше „Дафабет“, што е име на ланец на обложувалници од Филипини.
„Баравме прав начин да го задржиме името на тој спонзор, но сепак ќе мораме да пронајдеме некој заменски финасиер. Најверојатно ќе успееме да најдеме“, порачаа од раководството на тој клуб, кој годишно добиваше околу два милиони евра од Дафабет.
Шпанската влада во ноември 2020 година донесе закон според кој рекламите на интернет обложувалници можат да се емитуваат меѓу 1.00 и 5.00 часот во ноќта.
На телевизиите и радијата нема да се „вртат“ во ниту едно кое било друго време и им е забрането огласување низ спортот.
Ла Лига, телото кое го организира одржувањето на првата и втората фудбалска лига, тврди дека 32 од 42 професионални фудбалски клубови имаат некој спонзор од секторот обложување и игри на среќа.
Еден од спонзорите на Реал Мадрид, иако не истакнат на предната страна на дресот, во изминатите години беше обложувалницата „Кодера“, па во текот на промотивните настани и интерјуата ја рекламираше капитенот на хрватската репрезентација, Лука Модриќ, прогласен за најдобар фудбалер на светот во 2018 година.
„Да имате толку фудбалери кои рекламираат обложувалници или носат дресови со имиња на обложувалници, и така ги повикуваат младите да се обложуваат, не е добра порака. Тоа не е лига каква што сакаме“, рече Микел Арана, директорот задолжен за регулација на игрите на среќа во Шпанија.
Арана тврди дека со таквите огласи се „бомбардираат“ младите, и дека е евидентиран пораст на обложувачите на возраст меѓу 18 и 19 години.
Ла Лига, меѓутоа, вложи жалба до Врховниот суд во Шпанија и тврди дека заради новиот закон клубовите заедно, само оваа година, ќе останат без 90 милиони евра, а сето тоа во моментот кога, заради пандемијата со корона вирус, стадионите се делумно затвроени.
Кошаркарските прволигаши Билбао Баскет и Баскониа, на кои сезоната сеуште не почна, ќе мораат од своето име да ги исфрлат обложувалниците „Ретабет“ и „Киролбет“.
Владата на премиерот Педро Санчез, загрижена заради масовното ширење на обложувалници низ целата земја, во октомври лани испрати писмо до фудбалските клубови во кое ги предупреди договорите со таквите спонзори смеат да ги продолжат најмногу до 30 август 2021 година.
Имињата на спонзорите кои се на дресовите главно се најголеми спонзори на клубовите.
Обложувалниците „Кодера“ во документ испратен до американскиот пазарен регулатор, доставен заради спојување на своите подружници со една компанија присутна на американската берза, наведе дека „политиќките услови за игрите на среќа во Шпанија можат и понатаму да бидат негативни“.
Игрите на среќа се под надзор на министерството со кое управува левоориентираната „Подемос“, малцинскиот партнер во социјалистичката влада.
Претходно на ист начин беше забрането рекламирање на алкохол и тутунски производи.
Маркетиншкиот аналитичар Адриан Медиавиља вели дека е „тешко да се поверува оти клубовите не можат да најдат заменски спонзори“.
„Има доволно компании од други сектори кои преку фудбалот сакаат да ја зголемат својата видливост. Побарувачката за фудбалот е голема, па е потребно само малку повеќе креативност во клубовите“, вели Медиавиља.
Од 98 клубови од Шпанија, Англија, Италија, Германија и Франција само девет немаат име на спонзор на дресот.
Од споменатите пет шпански екипи (Реал Сосиедад, Алавес, Кадиз, Гранада и Мајорка), име на спонзорот на дресовите немаат ниту италијанските Лацио, Венеција, Специја и Салернитана, се истакнува во текстот објавен во весникот „Ла Вангардија“. Според истиот извор, само 13 клубови сеуште на дресовите носат имиња на обложувалници, од кои девет се од Англија, а четири од Франција.
(Фото: ЕПА)