Шпанците со песни и игри го прославија укинувањето на полицискиот час, којшто траеше шест месеци заради пандемијата од корона вирусот.
Многу од нив се собраа на улиците за да танцуваат и пеат, но властите наведуваат дека ќе ги спречат масовните собирања.
Вонредната состојба е укината, а со неа беше предвидено забрана за движење од 11 часот навечер до шест наутро.
Од вчера дозволено е и повторно патување низ Шпанија, како и семејни посети.
Некои локални власти најавуваат свои ограничувања, со оглед на тоа дека стапките на заразеност и смртност варираат.
Надлежните лица во покраините Арагон и Балеари најавуваат дека ќе побараат полицискиот час да остане на сила.
Тие се загрижени дека може да се повтори минатата година. Владата во јуни објави „нова нормална“ состојба со ублажување на многу ограничувања, но до ноември бројот на заразени значително се зголеми и мораше да воведе вонредна состојба, што беше правна основа за воведување на ограничувањата.
Откако масовно го прославија крајот на шестмесечниот карантин, игнорирајќи ги препораките за носење маски или држење дистанца, водечкиот шпански епидемиолог ги предупреди своите сонародници дека пандемијата е далеку од завршена.
Претседателката на шпанското здружение за епидемиолози, Елена Ванеса Мартинез, во изјава за весникот „Ел Паис“ предупреди дека сè уште има многу заразени лица кои можат да го пренесат вирусот, истакнувајќи дека повеќе контакти може да доведат до повеќе заразени.
„Во оваа ситуација загрижена сум поради за чувството на лажна безбедност создадено со објавувањето на крајот на вонредната состојба и ноќниот полициски час“, рече Мартинез.
Од почетокот на пандемијата, во Шпанија се заразени вкупно 3,5 милиони луѓе, од кои 78.800 починале.