Со одлука на поголемо мнозинство пратеници за нов претседател на Германија е избран Франк Валтер Штајнмаер, доскорешен министер за надворешни работи.
За Штајнмаер, кандидатот на Социјалдемократската партија, гласаа 931 од 1.260 пратеници на Сојузното собрание во Берлин.
Претседателот на Германија нема големи извршни овластувања, но има значајна улога на морален авторитет.
Штајнмаер ја имаше поддршката на „големата коалиција“ на германската канцеларка Ангела Меркел.
Гласањето за претседател одржано е неколку месеци пред парламентарните избори во Германија, на кои Меркел ќе се обиде да го добие четвртиот мандат едно по друго.
Претседателот на Сојузна Република Германија е поглавар на државата, но не и најмоќна личност во земјата. Неговата функција и задачите значително се редуцирани поради искуставата од нацистичка Германија. Никогаш повеќе највисокиот претставник на Германија нема да ја има сета моќ во своите раце – и тоа е разликата меѓу функциите претседател на СР Германија и неговите претходници во Вајмарската Република (1918-1933) кои имаа функција на „заменик на царот“ за да тогаш, на крајот, сета моќ во државата биде префрлена на Адолф Хитлер.
Денешниот претседател на Германија не владее – тој ја репрезентира земјата. Во државничките посети во странство тој е „ликот и гласот на Германија“. На внатрешен план, тој го симболизира „единството на државата“, како што тоа Сојузниот уставен суд го потврди во 2014 година.
За да се гарантира единство, претседателот мора да делува непристрасно, а во своите говори да изразува став кој се огледува во вредностите на германскиот устав. Затоа германскиот претседател во текот на својот мандат го замрзнува членството во партијата во која што е член.
Во државните структури на моќ вградена е и функцијата претседател, освен во извршната, судската и парламентарната власт. Затоа тој кој што е на функцијата претседател може, и надвор од политичкото секојдневие, да дава импулси за понатамошен развој на демократијата и правната држава. Тоа го доживеа и претседателот во заминување Јоахим Гаук. Претседателската функција му даде „здрава самодоверба“ во комбинација со сознанието дека нема за се политичка одговорност.
Германскиот претседател со своите говори треба да делува на решавање на националните и меѓународните проблеми. Тој дава потстрек, а задачата за тоа да се спроведе останува на надворешната политика, односно на сојузната влада и нејзините министри. Претседателите главно се залагаат за човечки права, промовираат владеење на правото и демократски дијалог. Нивните основни теми се, исто така: осигурување на мирот, борбата против тероризмот, европското единство и заштитата на природната средина. Знакот кој го дава германскиот претседател мора да биде од национално значење – и тоа е она што ја ограничува неговата функција.
Со негов потпис договорите и законите стануваат важечки
Ако Германија склучи обврзувачка меѓународна спогодба, нејзе, во името на државата, ја потпишува претседателот. Слично е и со законите кои ги усвојуваат Бундестагот и Бундесратот. Дури потписот на претседателот ги става во сила. Покрај тоа, поглаварот на државата проверува дали е законот и формално исправно донесен. Но, претседателот е и на некој начин и адвокат на демократијата: тој мора да потврди дотичниот закон да е во духот со Уставот на Германија. Во историјата на Германија само во осум случаи претседателите одбиле да потпишат закони. Законот за новото регулирање на безбедноста во текот на летото во 2006 година, е еден од тие закони. Тогашниот претседател Хорст Келер одбил да го потпише и – законот подоцна е повлечен.
Функцијата претседател во Германија има важна улога во кризните случаи. Во тоа се вбројува и податокот дека претседателот може да распише нови избори, ако се случи сојузниот канцелар којшто е тогаш на власт, да ја загуби поддршката во парламентот. Претседателот му предлага на парламентот канцелар, ги именува и разрешува министрите, како и сојузните судии, високите државни официјални лица и воените лица. Исто така, дел од должноста на германскиот претседател се и покровителства на различни манифестации, како и уредување на државни акти. Тој ги прима агреманите на амбасадорите од дрги земји.
Граѓаните се среќаваат со претседателот на неговите патувања ширум земјата. Тој на заслужните граѓани им доделува орден на СР Германија, Сребрен ловоров лист и други почести. Често се случува дома некому да му стигне роденденско писмо потпишано од претседателот лично. Минатата година 4.000 Германци кои наполнија сто и повеќе години добија честитки од претседателот. Исто така, тој ја превзема на себе и поддршката на семејства со по седум и повеќе деца.