„Се радувам за тоа дека Северна Македонија ќе стане нова членка на НАТО. Со нејзиниот прием јакне стабилноста не само на Западен Балкан туку и во Европа и НАТО просторот“, порача денеска црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ на самитот на Алијансата во Брисел.
Тој додаде дека поканата за почеток на пристапните преговори за Македонија е многу важна за Црна Гора.
До 2024 година, според Ѓукановиќ, Црна Гора ќе издвојува два отсто од БДП за одбраната и најави учество на припадници на војската од неговата држава во нови мисии.
„Прецизно дефинираниот план е и Црна Гора до 2024-та да издвојува по два отсто пд БДП-то за одбраната. Ние сакаме во голема мера да партиципираме во сите обврски и во сите права кои потекнуваат од членството. Нашите војници ќе бидат дел од силите на Алијансата во Летонија, заедно со Словенија под команда на Канада“, рече црногорскиот претседател после првиот ден од НАТО самитот.