Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева го повлече барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Марко Зврлевски до Врховниот суд во врска со притворот на Сеад Кочан, првоосомничен во случајот „Труст“.
Како што информираше вчера Јанева, само таа е надлежна да постапува по предметите поврзани и кои произлегуваат од прислушуваните разговори, како што е и „Труст“.
„Јас како јавен обвинител сум исклучиво надлежна да постапувам по предметите поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во сите судски инстанции. Поради тоа денес со поднесок испратен до Врховниот суд го повлеков барањето за заштита на законитоста поднесено од Јавното обвинителство на Република Македонија“, вели Јанева.
Јавното обвинителство на Зврлевски завчера поднесе барање за заштита на законитоста до Врховниот суд со кое бара укинување на решенијата на Кривичниот и Апелацискиот суд за одредување притвор на Кочан, кој е во бегство од 9 март.
Како основа за барање за заштита на законитоста за случајот на Сеад Кочан било наведено дека со донесените решенија на Основниот суд Скопје 1 и на Апелацискиот суд се сторени повреди на законот од кои една се однесува на решението донесено од Кривичниот совет, во кое било наведено дека жалбата не го задржува извршувањето на решението, односно било повредено суспензивното дејство на жалбата. Со преземање дејства за извршување на решението пред да стане правосилно, од јавното обвинителство наведуваат дека Советот сторил повреда на член 134, став 5 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
Специјалното јавно обвинителство на крајот на февруари ја отвори истрагата наречена „Труст“, во која три физички лица и фирмите „Трансмет“ од Скопје, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани“ се товарат дека со фалсификувана документација добиле тендер од ЕЛЕМ, вреден 17.235.772 евра.
На Кочан, кој е еден од тројцата осомничени во случајот, Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на 9 март му одреди мерка притвор, која подоцна ја потврди и Апелацискиот суд. Кочан се’ уште е недостапен.
По него е распишана меѓународна потерница.
Неофицијално, сопственикот на „Трансмет“ е во Србија.