Два проетила се истрелани во правец на американски брод во Црвеното море од територијата под контрола на бунтовниците Хути, но двата не стасале до бродот, соопшти американската морнарица.
Хутите демантираат дека тие стрелале во бродот.
„Екипажот на воениот брод „Мејсон“ забележал два проектила во период од 60 минути додека пловеле во Црвеното море, близу брегот на Јемен. Проектилите не го погодиле бродот“, изјави портпаролот на Пентагон, Џеф Дејвис, пренесува Ројтерс.
На бродот нема повредени, ниту е причинета материјална штета.
АП наведува дека претходно еден брод на Соединетите Арапски Емирати претрпе голема штета во сличен ракетен напад.
Во меѓувреме, од територијата на Јемен е истрелан уште еден проектил, а цел на нападот, како што се чини, била саудиската воздухопловна база во близина на Мека.
Ова е напад извршен до сега најдлабоко на територијата на таа земја, а го направиле шиитските бунтовници и нивните сојузници.
Движењето Хути негираше дека стрелал во кој било брод, изјавил за Ројтерс нивни функционер кој сакал да остане анонимен.
До сега движењето Хути истрелаа повеќе проектили врз Саудиска Арабија откако коалицијата на арапските земји предводена од Саудиска Арабија поведе офанзива против нив во Јемен во март 2015 година.