Кандидатот на Србија за генерален секретар на Обединетите Нации, Вук Јеремиќ, во следните два месеца треба да донесе одлука дали се враќа на српската политичка сцена.
Неговиот висок пласман на Ист Ривер, според многумина е добра препорака за кандидатура на претседателските избори во Србија следната година.
Сепак, тој сеуште нема донесено конечна одлука за неговиот понатаможен ангажман, дали ќе биде во меѓународната политика со неговиот Центар за меѓународна соработка и одржлив развој или тргнува во кампања за претседателската фотелја.
Во прилог на одлуката за влез во трката за шеф на државата на Јеремиќ му оди не само добриот резултат во борбата за прв човек на ОН, туку и фактот дека има симпатии во проевропското гласачко тело и дека неговата популарност е високо горе на резултатите од спроведените анкети. Поради тоа Јеремиќ е во фокусот на многу опозициски партии.
Јеремиќ, меѓутоа, сеуште не се изјаснува за кандидатурата за претседател. Последен пат за тоа зборувал додека траела битката во ОН, кога порачал дека моментно не размислува за каква било друга функција.