Јапонскиот молекуларен биолог Јошинори Охсуми е овогодишен добитник на Нобеловата награда за медицина, за истражувања на клучниот механизам за обнова на ќелиите, стареењето и реакцијата на организмот на глад и инфекции, соопшти жирито за доделување на оваа престижна награда.
„Генетските мутации можат да предизвикаат заболувања, а процесот на автофагија е содржан во многу болести, како што се ракот и невролошките состојби“, се наведува во образложението на жири комисијата.
Концептот е откриен во 60-те години од минатиот век, кога научниците го проучувале спојувањето на ќелиските компоненти и рециклирањето на настанатата содржина, истакнува Нобеловиот комитет на Институтот Каролинск кој ја додели наградата.
Феноменот остана главно непознат до почетокот на истражувањето на Охсуми во 90-тите години и неговите „брилијантни достигнувања“ во идентификувањето на автофагичните гени и докази дека слични механизми дејствуваат и во човечкото тело, се додава во образложението на Комитетот.
Охсуми е роден во Фукуоки во 1945 година. Докторирал во 1964 година на Универзитетот во Токио и три години работел на Универзитетот Рокфелер во Њујорк, после што се вратил во Токио и основал своја лабораторија.
Од 2009 година работи како професор на Технолошкиот институт во Токио.