Малолетните јужнокорејски обожаватели на онлајн игрите се воодушевени од најавата дека во јануари следната година ќе им биде укината контроверзната забрана за играње навечер.
Забраната беше воведена пред 10 години, а целта беше да се намали зависноста кај децата за видеоигри. Се укинува со амандман на Законот за заштита на младите, пренесе јужнокорејската телевизија КБС.
Укинувањето на забраната се планира веќе подолго време затоа што се појавија се поголеми сомневања во нејзината ефикасност.
Забраната предизвика и парадоксални состојби. На пример, популарната игра за деца постари од седум години која ја поттикнува креативноста, Мајнкрафт, беше достапна само за возрасните.
Критичарите на забраната одамна тврдеа дека таа ја демонизира „гејминг“ културата, а притоа не донесува резултати во борбата против зависностите од игрите.
Последните години во Јужна Кореја, како и во бројни други држави, забележан е голем пораст на популарноста на мобилните видеоигри на кои младите можат да им пристапат во ноќните часови.
Забраната се однесуваше на деца помлади од 16 години кои не смееја да пристапат до онлајн игри меѓу полноќ и шест часот наутро, додека на гејминг фирмите им се закануваа огромни парични казни.
Но, и покрај укинувањето на забраната, тоа не значи дека малолетните „гејмери“ се потполно слободни.
Со помош на систем, таканаречен „допуштен избор“, родителите и децата можат сами да одредат колку и што ќе играат, а нивниот избор ќе го „благослови“ Управата за гејминг култура која е поврзана со Министерството за култура.