Људмил Кљусев, син на првиот премиер на независна Македонија, Никола Кљусев, е осуден на 26 месеци затворска казна во федерален затвор и на парична казна од 17.500 долари, пресуди американскиот окружен судија Алвин Томпсон во Хартфорд, Конектикат, заради нелегално дистрибуирање наркотици, како и за измама со здравствена заштита.
Кљусев, кој во САД работи како психијатар, беше уапсен на 12 ноември 2015 година, и беше обвинет дека на пациентите им препишувал големи количества лекови „aдерал“ и „занакс“ (кај нас познат под името „хелекс“) за кои тие му плаќале во готово.
Пред да бидат поднесени официјални обвиненија против Кљусев, таен федерален агент влегол во ординацијата на психијатарот во Милфорд и му рекол: „Слушнав дека сте одличен“.
Агентот, според американскиот помошник-обвинител Сара Карван, излегол од ординацијата на Кљусев со рецепти за лекови за кои агентот не прикажал медицинска потреба за време на посетата.
„Тоа е некој кој продава лекови на рецепт за пари“, рече Карван, пишува во извештајот од судењето весникот „Њу хевн реџистер“.
Се чувствувам виновен зашто сега го знам она што требаше да го знам тогаш. Ова ми дојде како шок“, Људмил Кљусев
Карван истакнал дека владата има евиденција која покажува дека до 19 пациенти ја посетувале ординацијата на Кљусев во еден ден, додека тој бил надвор од градот. Секој пациент плаќал по 100 долари за посетата, за што обвинителот смета дека е доказ оти тој бил во бизнисот со продажба на рецепти за пари.
„Бизнисот не опаѓал кога тој бил надвор од земјата“, рекол Карван.
Морад Факими, третиот адвокат на Кљусев во случајот, побара попустливост од судијата Томпсон во однос на угледот на семејството Кљусев. Поголем дел од одбраната Факими го посветил на објаснување дека Кљусев не може да се поистовети со уличен дилер на дрога.
„Она што го правел тој беше чекор преку линијата меѓу доброто и злото, но тоа беше мал чекор“, рече Факими.
Тој ќе страда од овој срам и валкање на угледот на неговиот татко до крајот на животот. Ова е голем личен удар“, Морад Факими, адвокат на Кљусев
На отворањето на постапката, бранителот на обвинетиот Кљусев побарал од судот да размисли за ослободување на неговиот клиент со кауција и лично предавање на Бирото за затвори, па дури и понуди да го додаде своето име на кауцијата.
Факими подоцна го повлече барањето кога беше изречена пресудата.
Кљусев веќе одлежа 17 месеци во притворниот центар „Вајат“ на Род Ајленд и тоа време ќе му биде признато кога официјално ќе започне затворската казна
Тој не ќе може да се врати во Македонија, а сакал оти во Америка му е одземена лиценцата за вршење лекарска дејност, додека не се платат неговите криминални долгови.
Кљусев се согласил да му ја одземат ординацијата. Од неговата канцеларија на денот на апсењето биле запленети 173.095 долари.
Тој, исто така, се согласил да се откаже од дополнителни 117.431 долари кои биле на неговата службена сметка, и да плати надомест во износ од 76.983 долари.
Во 2014 и 2015 година, Кљусев незаконски фактурирал околу 76.983 долари од приватни здравствени осигурителни компании за извршени медицински услуги кога тој бил надвор од земјата
Во ноември 2016 година, на триесетти, Људмил Кљусев со парнична спогодба во федералниот суд се изјасни за виновен. Истрагата откри дека тој препишувал лекови без да спроведе целосни медицински прегледи на пациентите, обезбедувал рецепти без да ги потврди состојбите за кои медицински би бил потребен третман користејќи ги тие лекови, и издавал рецепти во замена за пари на пациенти.
Според судските документи, Кљусев, исто така, наредил вработени кои не се лекари да пишуваат рецепти кои тој ги потпишувал, во време кога бил надвор од земјата.
Душан Босотов, вработен кај Кљусев, беше уапсен во 2015 година и обвинет за слични кривични дела. Босотов препишувал рецепти кога Кљусев заминувал за службен пат
Според канцеларијата на американското јавно обвинителство, обвиненијата против Босотов, кој е ослободен од апсење со кауција, ќе се повлечат за 18 месеци ако не го прекрши законот во тоа време.