Претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, во својство на шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа од денеска до 23 јуни ќе учествува на Осмата пленарна сесија на ПС на ПСЈИЕ во Анталија, во организација на турското претседавање со Процесот 2020-2021.
Во составот на Делегација се и пратениците Павле Трајанов и Хусни Исмаили.
Пред одржување на пленарната сесија, седници ќе одржат трите Генерални комитети и тоа економија, инфраструктура и енергија, правда, внатрешни работи и безбедносна соработка и социјален развој, образование, истражување и наука, како и Постојаниот комитет.
Се очекува на пленарната сесија да се усвои Завршна декларација.
Предвидено е Џафери во Анталија да оствари неколку билатерални средби со присутните делегации.
Делегацијата на Собранието на 23 јуни во Истанбул ќе оствари средба со Асаф Хаџиев, генералниот секретар на Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК).
Собранието на Македонија, утре, за време на Генералното собрание ПАБСЕК во Молдавија, ќе стане член на оваа организација, што е градење на еден нов мост на пријателство со светот.