18-годишен расист го извршил масакрот во Бафало

LinkSense.mk

Тинејџерот, осомничен за убиство на 10 луѓе во саботата во супермаркет во Бафало, намерно избрал локација каде што се наоѓа голема популација Афроамериканци, објавија властите. Осомничениот, 18-годишниот Пејтон Гендрон, возел над 320 километри за да го изврши нападот и да пука во луѓе. Нападот се истражува како акт на расно мотивирано насилство и екстремизам, соопшти полицијата.

Градоначалникот на Бафало, Брајон Браун, изјави дека осомничениот пристигнал во супермаркетот намерно за да убие што е можно повеќе Афроамериканци. Останува прашањето како Гендрон успеал во своите намери кога властите го имале под присмотра поради минатогодишната закана со пукање во неговото средно училиште.

Се појави документ од 180 страници и се сомнева дека го напишал Гендрон. Во документот тој се опишува себеси како фашист и бел врховист. Гувернерката на Њујорк, Кети Хочул, изјави дека сака да дознае што се се знаело за младиот убиец.

Полицијата соопшти дека осомничениот ден пред пукањето го набљудувал подрачјето на нападот. Јавниот обвинител на Њујорк, Летиција Џејмс, рече дека нејзината канцеларија ќе ги прегледа материјалите на Интернет кои осомничениот ги објавил и ги гледал.

Ова злосторство го изврши болно лице мотивирано од омраза“, рече таа.

Локалната заедница остана запрепастена од пукањето. Полицијата информираше дека 11 Афроамериканци се меѓу 13-те луѓе кои ги застрелал.

Напаѓачот од Бафало во живо го пренесувал пукањето и на интернет објавил манифест од 180 страници. Во тој документ тој ги опишал своите екстремистички верувања кои се полни со теории на заговор. Документот содржи куп расистички и антисемитски тврдења, заедно со признавањето дека авторот е фашист.

Судејќи според документот, радикализацијата на 18-годишникот започнала на Интернет на почетокот на пандемијата од Ковид. Тогаш тргнал да посетува екстремистичките интернет страници.

Овој напад веројатно повторно ќе ја разгори дебатата за контрола на оружјето во САД. Но, основниот проблем е радикализацијата на младите луѓе на интернет, од кои некои својата омраза ја претвораат во напади врз невини луѓе.

Напаѓачот, облечен во воена униформа, влегол на паркингот на маркетот Топс Френдли во Бафало и прво го убил чуварот, а потоа прошетал низ продавницата и пукал во други луѓе. Откако бил уапсен, Гендрон рекол дека не се чувствува виновен за убиството.

Тоа беше како кошмар… Гледате вакво нешто на телевизија и слушате за тоа, но никогаш не помислив дека ќе бидам еден од луѓето кон кои ќе биде пукано“, ја опиша сведок ужасната сцена во супермаркет.

Саботниот напад се смета за најлошото масовно убиство оваа година во САД.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)