„Авангарда“ и „Сармат“ – адути на Путин

LinkSense.mk

Владимир Путин вчера прогласи делумна мобилизација во својата земја и указот за тоа, потпишан од него, веќе стапи на сила.

Путин објасни дека ќе бидат повикани пред се оние кои се во резервниот состав, значи оние кои служеле војска, имаат соодветно борбено искуство и одредена воена специјалност.

Пред да заминат во единиците, мобилизираните ќе поминат дополнителна воена обука. Сите тие ќе имаат социјални гаранции какви што имаат старешините и војниците со договор.

Како што подоцна објасни министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, ќе бидат мобилизирани 300.000 руски граѓани.

Инаку, Русија има околу 25 милиони луѓе во резерва. Шојгу истакна дека во единиците нема да бидат поканети оние кои не служеле војска и студентите.

Министерот посебно истакна дека на просторот на Украина против руската војска работат повеќе од 70 воени сателити и околу 200 цивилни, од земјите членки на НАТО.

„Тие постојано ги следат позициите на нашите сили и веднаш ги проследуваат информациите до Украинците“, рече министерот Шојгу.

Токму поради тие сателитски шпионски информации, американските повеќецевни фрлачи „Хајмерс“ им направија големи проблеми на Русите на фронтот.

Русите сега набрзина ги завршуваат системите кои можат да ги збунат наведувачките ракети и веќе експериментираат со нив на бојното поле.

Како што беше најавено во Кремљ, Путин вчера утрината и се обрати на нацијата.

Зборуваше за состојбата во Донбас, го поддржа одржувањето на референдуми во регионите Донбас, Луганск, Запорожје и Керсон. Објасни дека станува збор и за заштита на суверенитетот на Русија.

„Целта на Западот е да ја ослаби, разедини и на крајот да ја уништи нашата земја.

Велат дека во 1991 година успеале да го поделат СССР и сега е време да го направат истото и со Русија“, рече Путин. „Тие сакаат Русија да се распадне на голем број мали, меѓусебно скарани региони и области“, додаде.

Тој потсети дека Западот ги поддржува бандите меѓународни терористи на Кавказ, дека ја приближувал инфраструктурата на НАТО до руските граници, дека шири русофобија и негува омраза кон Русија.Рускиот претседател рече дека сегашниот режим во Киев фактички се откажал од мирно решение на проблемот со Донбас и дури изјавил дека сака да има атомско оружје.

„Беше јасно дека имаа намера да го нападнат Донбас, а потоа ќе следуваше напад на Крим.

Затоа специјалната воена операција на руската војска беше апсолутно неопходна и единствено можно решение“, рече Путин.

Путин истакна дека до почетокот на воените операции во Доњецката, Луганската, Запорожката и Керсонската област живееле повеќе од седум и пол милиони луѓе, а дека сега таму има околу пет милиони жители.

Во обраќање до нацијата, Путин особено ја нагласи одговорноста на воено-индустрискиот комплекс, кој сега треба да произведува уште повеќе воена техника, а дека за финансискиот дел е одговорна руската влада.

„Некои високи лидери на водечките земји на НАТО зборуваат за можна употреба на атомско оружје против Русија. Таквите кои си дозволуваат себе си да даваат такви изјави во однос на Русија, сакам да ги потсетам дека и нашата земја, исто така, располага со разни средства, а во некои компоненти и помодерни од НАТО. И во случај да ни биде загрозен територијалниот интегритет на државата, ние ќе го користиме. Ова не е блеф“, рече претседателот на Русија.

Какво оружје има Русија што го нема НАТО?

Русија, според некои воени аналитичари, го престигна Западот во развојот на хиперсонично оружје. Веќе се покажаа како ефикасни супербрзите ракети „кинжал“, кои беа користени во Сирија и Украина. Хиперсонична ракета е и „циркон“.

Од најновото оружје, големо внимание привлече супербрзата интерконтинентална ракета „авангард“, единствената интерконтинентална ракета која лета со мотор на атомски погон.

Но, сите овие интерконтинентални ракети, како и најголемата ракета во светот „сармат“ која ќе ги замени „сатаните“, се за гаѓање на главните противници на Русија, а не за напад на украинските позиции и објекти. За украинскиот фронт доволни биле високопрецизните ракети „калибар“ кои можат да носат различни боеви глави, како и „искандерите“.

Кога сето ова се знае, јасно е дека Путин не блефира.

Раководството на Украина не е изненадено од мобилизацијата на Путин и во Киев велат дека тоа го очекувале.

Претседателот Володимир Зеленски изјави дека не верува дека светот ќе му дозволи на Путин да употреби нуклеарно оружје.

„Путин утре може да каже и дека, освен Украина, сака и дел од Полска, инаку ќе употреби нуклеарно оружје. Не можеме да ги правиме овие компромиси“, рече Зеленски.

Според зборовите на украинскиот лидер, одлуката на Путин за мобилизација дошла како одговор на неуспесите на Русија на бојното поле.

„Тој гледа дека неговите единици едноставно бегаат“, истакна Зеленски и додаде дека Путин „сака да ја удави Украина во крв, вклучително и крвта на сопствените војници“.

Исто така, ги отфрли плановите на четирите украински региони, кои се под контрола на проруските сили, да одржат референдуми од 23 до 27 септември за приклучување кон Русија, велејќи дека тие се „измама“ што повеќето земји нема да ја признаат.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитриј Кулеба, најави дека Украина ќе продолжи да се бори без разлика на тоа каков ќе биде резултатот од референдумот.

„Ништо нема да се промени после референдумот. Украина има полно право да ги ослободи своите територии“, рече Кулеба.

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: АП)