Бомбаш-самоубиец уби најмалку 29 лица и повреди уште десетици откако се разнесе во шиитска џамија во Авганистан.
Бомбашот влегол во големата џамија – во западната провинција Херат и отворил оган врз верниците пред детонирање на експлозивите.
Десет од седумдесетината повредени се во критична состојба.
Очевидци опишаа сцени на масакр во џамијата, каде околу 300 верници присуствуваа на вечерната молитва.
Локалниот полициски раководител Абдулхај Вализада изјави дека, судејќи според се, имало повеќе од еден напаѓач.
Мехди Хадид, пратеник од Херат, за Асошиетед прес изјави дека, според негова проценка, најмалку 100 се убиени и дека видел тела расфрлани низ џамијата.
Тој рече дека џамијата е тешко оштетена, со разнесени прозорци, а на ѕидовите има шрапнели и крв насекаде.
Сé уште не е јасно дали има втор напаѓач, но сведоци наведуваат дека нападот го извршиле еден бомбаш-самоубиец и уште еден кој фрлил бомби на верниците во претежно шиитскиот регион.
Тие велат дека слушнале уште една експлозија околу 10 минути откако бомбашот во џамијата го активирал неговиот експлозив.
Засега никој не ја презеде одговорноста за овој напад, а Талибанците соопштија дека тие ова не го сториле.
Херат претходно беше место на неколку помали напади врз шиитите.
Повеќе од 1.700 цивили загинаа во нападите во Авганистан од почетокот на годината, наведува Ројтерс.
Шиитите се малцинство во Авганистан и огранокот на Исламска држава во таа земја постојано им упатува закани, напоменува АП.










