Авганистан: Панџшир – долината која опстојува

Единствениот дел на Авганистан кој денес не го контролираат Талибанците е провинцијата Панџшир каде што со своитре приврзаници се повлече Ахмад Масуд (32), син на водачот на авганистанските Таџици, кого во деведесетите го убија Талибанците. Со Масуд е и потпретседателот на Авганистан, Амрула Салех.

Борците кои го сочинуваат припадници на противталинабските милиции и поранешни авганистански сили за безбедност ветија дека ќе се борат против Талибанците кои ги испратија своите борци да го завземат и тоа подрачје.

Двете страни зборуваат дека сакаат решение со преговори, но нема каков било напредок кога станува збор за судбината на тој дел од државата.

Но, колку долго Ахмад Масуд со своите истомисленици може да ја сочува провинцијата Панџшир и важната делница која од Кабул води во големиот град на северот на Авганистан, Мазари Шариф. На ова прашање се обидуваат да одговорат и воените аналитичари во Москва, но и други кои ја следат состојбата во Авганистан.

Советските офицери кои своевремено војуваа во Авганистан објаснуваат дека војнички е исклучително тешко да се освои овој планински масив. Командантот на 40-та Армија, генерал Игор Родионов, истакнал дека битките за Панџшир биле најтешки. Советската војска девет пати се обидела да ги истера „душманите“ од тој регион, но тие многу брги се прегрупирале и се враќале таму.

Панџшир е една од 34 провинции во Авганистан во која живеат околу 140.000 жители понационалност Таџици и која се наоѓа на 150 километри од Кабул. Тоа е тесна долина длабоко во планините Хинду Куша, а јужниот раб и се наоѓа на околу 80 километри северно од главниот град.

Долината има ограничен број на точки за влез и нејзината географски положба дава природна воена предност затоа што одбранбените сили можат да ги користат позициите на планините за напад на напаѓачите, пишува во својата анализа АФП.

Провинцијата, меѓутоа, има и симболична важност во Авганистан како подрачје кое се спротивставува на окупацијата на напаѓачите повеќе од стотина години.

Отпорот од долината силно го обликуваше политичкиот и сигурносниот пејзаж на земјата во текот на 80-тите и 90-тите.

Најценета личност во Панџшир е Ахмад Шах Масуд, герилски заповедник чие лице е на мурали не само во долината туку и многу понатаму, во многу авганистански градови. Познат како Лавот од Панџшир, Масуд се прослави предводејќи ги муџахедините во борбата против советските војски во 80-тите.

Советскиот сојуз покрена повеќекратни кампањи со илјадници војници, напаѓаа со хеликоптери и тенкови, но не можеше да го порази ни со некои од најкрвавите битки во судирот. Тој успех го повтори и во доцните 90-ти кога Талибанците го презедоа надзорот над поголемиот дел од Авганистан. Талибанците не можеа да го завземат Панџшир, а силите под команда на Масуд им нанесоа некои од најтешките порази во тоа време.

Два дена пред терористичките напади на 11 септември 2001 година убијците кои ги испрати Ал Каеда, сојузникот на Талибанците, го убија Масуд.

Претставувајќи се како сниматели на документарен филм, седнале да го интервјуираат и потоа го активирале експлозивот скриен во камерата и во батеријата за напојување.

Денешните противталибански борци се припадници на локалните милиции како и поранешни припадници на силите за безбедност кои дојдоа во долината кога остатокот од земјата падна во рацете на Талибанците.

Со себе ја донесоа својата опрема, возила и оружје, што ќе му помогне на Националниот фронт на отпорот (НРФ) кој го води синот на славниот заповедник од Панџшир, Ахмад Масуд.

Групата вети дека ќе пружи отпор на сите талибански напади, но во текст за „Вашингтон пост“ Ахмад Масуд призна дека ќе им биде потребна странска помош.

И додека НРФ ветува дека ќе се бори до последен здив, не е познато дали имаат доволно храна, но и муниција за да ја издржат долготрајната опсада.

Ако Масуд успее подолго да ја одржи независноста на својата Долина на петте лавови, што е буквален превод на Панџшир, тогаш би можел да се разбукти граѓанска војна меѓу Талибанците, меѓу кои повеќето се Паштуни, и Таџиците.

Паштуните сочинуваат 42 отсто од жителите на Авганистан, а Таџиците се 30 отсто. Секој од тие народи има свој јазик.

Од останатите групи, Хазарејци има околу десет отсто, Узбеките се осум и Туркмените се близу три отсто. Сите останати народи во Авганистан се околу осум отсто.

 

 

(Фото: АП)