Авганистан: Талибанците го возвраќаат ударот

„Ова е само почеток“. Со таква порака Талибанците одговорија откако вчера презедоа одговорноста за нападот врз куќата на авганистанскиот министер за одбрана генерал
Бизмилах Кан Мохамади во Кабул.

„Самоубиствениот напад беше само почеток на контранапад против клучни личности и водачи на администрацијата“, објави на Твитер портпаролот на талибанците, Забиул Муџахед.

Во тој напад загинаа осум лица, а 20 се повредени.

Претходно, очевидец и извор од полицијата во Кабул изјавија дека автомобил бил разнесен во близина на куќата на министерот за одбрана на Авганистан во Кабул, по што неколку вооружени лица упаднале во куќата. Мохамади рече дека ниту тој, ниту неговото семејство не се повредени.

Според информациите од кабулската полиција, вооружени лица упаднале и во куќата на пратеникот во Долниот дом на парламентот, Азим Баглани.

Тој напад доаѓа откако Талибанците ја засилија кампањата за пораз на владата поддржана од САД, откако странските сили предводени од САД го завршија повлекувањето од регионот по 20 години воено присуство.

Неколку часа подоцна, експлозија во близина на зградата на Националната управа за безбедност на Авганистан во Кабул, рани тројца цивили и еден припадник на безбедносната служба.

Во меѓувреме, дел од жителите на Кабул излегоа на улиците извикувајќи Алаху Акбар (Господ е најголем), пркосејќи на милитантниот напад.

Слични сцени имаше во понеделникот во градот Херат, каде што исто така се водеа тешки борби во последните денови.

Јавната изјава за пркос е клучен поттик за борбениот морал на авганистанските сили во обид да ги спречи милитантите да се обидат да преземат контрола над голем број провинции, јави Би-Би-Си.

Меѓутоа, нападот врз куќата на министерот покажува дека бунтовниците можат да нападнат дури и во самиот центар на владата.

Цивилите ги напуштаат своите домови во јужен Авганистан од вчера додека владини трупи подготвуваат контранапад за да ја вратат контролата врз делови од Лашкаргах, главниот град на провинцијата Хелманд, која беше во центарот на американските и британските воени кампањи, но тоа е не е јасно дали цивилите можат да го сторат тоа
безбедно. ОН соопштија дека најмалку 40 цивили биле убиени во таа област во вторникот.

Клучните делови на Лашкаргах се контролирани од Талибанците, кои наводно ги опколиле објектите на локалната власт и забраниле електронски медиуми поддржани од владата.

Атаула Афган, шеф на провинцискиот совет на Хелманд, викендов призна дека се чини дека борбите „излегле од наша контрола“.

Талибанците напреднаа оваа недела, и покрај акциите на авганистанската и американската авијација врз нивните позиции.

„Има лешеви по патиштата. Не знаеме дали се цивили или Талибанци”, изјави за Би-Би-Си жител, кој не беше именуван од безбедносни причини.

„Десетици семејства ги напуштија своите домови и се населија во близина на реката Хелманд“, рече изворот.

Според некои извештаи, талибанските борци заземаат позиции во куќи, продавници и во чаршијата – луѓето се заробени во своите домови додека борбите продолжуваат на улиците.

Милитантите ги предупредуваат луѓето преку звучници да излезат, но понекогаш тие влегуваат во куќите – локалните жители имаат само неколку минути да избегаат или ризикуваат да бидат фатени во оган, бидејќи нивните домови стануваат дел од бојното поле, пренесува Би-Би-Си.

Хјуман рајтс воч соопшти дека талибанските сили „по кратка постапка погубиле притворени војници, полицајци и цивили, наводно поврзани со авганистанската влада“ во Газни, Кандахар и други авганистански провинции.

„Тоа е сериозно кршење на Женевските конвенции и воено злосторство“, рече Патриша Госман, помошник директор за Азија на ХРВ.

„Талибанските команданти кои организираат такви злосторства се одговорни и за воени злосторства“, додаде Госман.

Советот за безбедност на Обединетите нации изрази „длабока загриженост“ поради насилството, осудувајќи ги нападите врз цивили.

Светската организација предупредува и на опасноста од враќање на талибанците на власт во Авганистан, кои беа соборени пред 20 години во интервенција на силите предводени од САД.

Во соопштението, Советот за безбедност ги повика авганистанската влада и Талибанците „суштински да се вклучат во сеопфатен мировен процес со цел итен напредок кон политичко решение и прекин на огнот“.