Австралија е во строг карантин

Австралија мора да почне да учи да живее со ковид-19 откако ќе се вакцинираат повеќе луѓе“, рече премиерот Скот Морисон, покрај загриженоста во некои држави од порастот на бројот на нови случаи на заразени во Сиднеј.

Додека повеќе од половина од сите Австралијанци се во локдаун за да се запре ширењето на високо заразната делта варијанта на вирусот корона, Морисон истакна дека земјата мора да оди понатаму и дека мора да почне да ги намалува ограничувањата за да се вакцинираат што повеќе луѓе.

Затварањето не може да трае вечно. Ова не е одржлив начин на живот во оваа земја“, рече тој на конференцијата за печат во Канбера, која ја пренесуваше телевизијата.

Изјавата на Морисон доаѓа после појавата на разлики меѓу државите кои сакаат да го задржат фокусот на сузбивање на вирусот и најголемата држава Нов Јужен Велс, која бара излез од затварањето по пат на вакцинирање после големата епидемија од делта видот.

Сојузната влада минатиот месец објави план во четири фази за ублажување на ограничувањата откако ќе се вакцинираат 70 отсто од 25 милиони луѓе постари од 16 години.

Кога ќе се вакцинираат 80 отсто од луѓето ќе бидат потребни само одделни затварања, а вакцинираните Австралијанци ќе можат слободно да патуваат меѓу државите.

Западна Австралија и Квинсленд, двете држави во кои нема многу заразени со корона вирус, велат дека можат да задржат некои од ограничувањата, дури и откако целите на вакцинирањето ќе бидат постигнати.

Денес Нов Јужен Велс пријави 818 случаи, од кои повеќето се во Сиднеј, што е нешто помалку од рекордните 830 од еден ден пред тоа.

Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Берејклиан, ги повика граѓаните помалку да се фокусираат на случаите, а повеќе на имунизацијата.

Кога би имале 80 отсто со двојна доза, секоја држава ќе мора да живее со ковид. Не можете засекогаш да го држите делта видот надвор“, рече таа.

Во Викторија денеска се откриени 71 нови случаи, за што премиерот Даниел Ендрјуз рече дека може да ги поремети плановите за излез од локдаунот на 2 септември.

Иако Австралија подобро управуваше со пандемијата од многу други развиени земји, бавното воведување на вакцините го тргна сјајот од нејзиниот претходен успех.

Ширум земјата во потполност се вакцинирани 30 проценти од луѓето постари од 16 години, додека 52 отсто примиле барем една доза.

Вакцинирањето се одвива со рекордна брзина, а целта од 80 проценти за потполно вакцинирани, како што моментно стојат работите, ќе биде постигната дури во декември.

Австралија пријави вкупно нешто повеќе од 44.600 случаи. Евидентирани се 984 смртни случаи. Статистички, стапката на смртност е намалена од минатата година.

 

 

(Фото: ЕПА)