Австрија на една недела пред избори: „Партијата на пивото“ на трето место

LinkSense.mk

Претседателот на Австрија, Александар ван дер Белен, на една недела пред претседателските избори закажани за 9 октомври, на кои се кандидира за втор мандат, води во анкетите на јавното мислење.

Истражувањето на институтот „Лакарсфелд“ покажува дека Ван дер Белен во моментов би можел да освои 56 отсто од гласовите и на тој начин би бил избран веќе во првиот круг на гласањето.

Во изминатата недела тој успеа да освои дополнителни пет отсто од гласачите, а во текот на кампањата, претходно, падна под 50 проценти.

На второ место е кандидатот на Слободарската партија на Австрија (ФПО), Валтер Розенкранц, со 16 отсто од гласовите.

Останатите пет кандидати не се ни блиску до Ван дер Белен и Розенкранц.

Моментно на третото место би бил Роберт Влазни, пејач и доктор од Виена, основач на „Партијата на пивото“ кој би можел да освои девет отсто од гласовите, три помалку од минатата недела.

Потоа следуваат адвокатот и колумнист, Тасило Валентин, со осум отсто од гласовите и блогерот и поранешен политичар, Џералд Грос, со шест отсто, и лидерот на антиваксерската партија „Луѓе, слобода и основни права“ (МФГ), Михаел Брунер, со три отсто од гласовите.

На последното место е производителот на чевли, Хајнрих Стаудингер, со два отсто од гласовите.

Во Австрија е вообичаено актуелниот претседател кога се кандидира за втор мандат да победи на изборите.

Поради ова, ниту една парламентарна партија, со исклучок на ФПО, не сакаше ниту да излезе со свој кандидат.

Зелените, Народната партија (ОВП) и Социјалдемократската партија (СПО) го поддржаа, иако многумина со резерва, Ван дер Белен.

Меѓутоа, овој пат на гласачкото ливче има рекорден број кандидати, што би можело да влијае на потребата од втор круг гласање.