Австрија: Отворена истрага против Курц

Стариот долг, којшто под името „Афера Ибица“ пред две години го направи австрискиот либерал Ханс-Кристијан Штрахе, сега стигна за наплата и од тамошниот канцелар Себастијан Курц. Шефот на државата, имено, се најде под истрага на секторот за корупција при австриското стопанско обвинителство, затоа што, наводно, „лажно сведочел во истражната постапка против Штрахе“.

Курц, којшто според пишувањето на медиумите, се наоѓа под голем притисок, порачува дека „не очекува кривична пресуда во врска со наводните лажни искази пред истражниот одбор заради „аферата Ибица“. Тој истакнува дека стално настојувал вистинито да одговори на прашањата во текот на таа истрага, додавајќи дека „сега се инсистира на секој збор да се извртат значењата“.

Себастијан Курц и Ханс-Кристијан Штрахе

Канцеларот, како што истакнува, за Томас Шмит секогаш зборувал како за кандидат за местото шеф на Австрискиот индустриски холдинг. Курц признава дека бил вклучен во трансформацијата на холдингот, но дека конечната кадровска одлука била на тогашниот министер за финансии Хартвиг Легер.

„Дури и од СМС пораките се гледа дека моите предлози за членови на Надзорниот одбор не се прифатени. Тоа е ултимативен доказ дека не носев одлуки“, вели Курц, обвинувајќи ја опозицијата, најконкретно НЕОС (коалициската партија на Нова Австрија и Либералниот форум) за вршење притисок и вознемирување на јавноста.

Курц додава дека „истражниот одбор не е место за пријатни муабети, туку во него опозицијата свесно ја подгрева атмосферата за да издејствува лажни искази“. Тој сам, како што нагласи, одговарал при најдобра свест и свесно не дал лажен исказ и, заради тоа, не може да замисли дека постои суд што ќе го осуди.

На бројни прашања дали ќе поднесе оставка во случај на кривична пресуда, канцеларот Курц, инаку и лидер на Австриската народна партија, објасни дека не размислува за тоа, затоа што постои само барање за кривично гонење. Тој смета дека зад тоа стои кампања под името „Курц мора да си замине“.

„Можеби не сум работел се најисправно, но не лажев“, истакнува канцеларот и порачува: „Два пати сум избран со мојата екипа и такво нешто нема да дозволам“.

Десничарската ФПО, која во меѓувреме премина во опозиција, бара од канцеларот да отстапи од највисоката државна функција.

Освен тоа, ФПО бара од Зелените, кои се заедно со ОВП во власта, да гласаат против коалицискиот партнер, како и за продолжување на истражната постапка, која треба да заврши во јули.

Лоши намери во кобниот филм

Скандалот којшто предизвика распад на владеачката коалиција на либералите (ФПО) и народњаците (ОВП), се распламти после емитувањето на видео-снимката во која Ханц-Кристијан Штрахе, дотогашен вицеканцелар и шеф на ФПО, во разговор со наводна роднина на руски олигарх во вила на Ибица, покажува несомнена подготвеност да прими поткуп, за да се фризираат законите за финансирање партии и на тој начин да се преземе контролата над партиски независните медиуми“.

(Фото: АП)