Агонијата на руските милијардери: Олигарсите остануваат без своите „играчки“

LinkSense.mk

Од раскошни јахти и палати до приватни авиони и уметнички дела, супербогатите Руси под товарот на западните санкции се лишени од своите луксузни играчки. Заплената на имотот несомнено тешко им паѓа на олигарсите кои се сметаат за миленици на Кремљ.

Во Британија под санкции се над стотина руски супербогаташи и нивните семејства, во САД 140, а во Европската унија повеќе од 30.

Британскиот министер за транспорт Грант Шапс рече дека таквите мерки се дизајнирани да удрат онаму каде што олигарсите најмногу ги боли, „во пристапот до луксузни играчки“.

Британската престолнина долго време беше рај за богатите Руси кои сакаа да ги сокријат своите пари, да ги образуваат своите деца и да инвестираат таму.

Сега тоа им е одземено“, напиша Економист.

Дури и славниот Роман Абрамович беше мета на санкции, поради што беше принуден да го продаде фудбалскиот клуб Челзи, чиј сопственик е од 2003 година.

Аналитичарот Алекс Најс вели дека таквите потези во високо глобализираната економија се „целосно непозната територија“.

Кога војната ќе заврши, кога и да се случи тоа, длабокиот јаз меѓу Истокот и Западот ќе остане, дури и ако богатите не бидат цел на експропријација, туку нивниот имот е само замрзнат.

Нема какви било најави дека санкциите наскоро ќе бидат укинати“, вели Најс, бидејќи „специјалната операција“ на Путин во Украина може да трае со години.

Нема сомнеж дека санкциите погодуваат онаму каде што боли.

Форбс“ минатиот месец „поради лавината санкции“ отстрани 34 Руси од годишната листа на светски милијардери.

За нив војната е апсолутна катастрофа“, вели социологот Елизабет Шимпфоесл од Универзитетот во Бирмингем, авторка на книгата „Богати Руси“.

Многу олигарси имаат повеќекратно државјанство и не брзаат да се вратат назад во Русија.

Западот, сепак, е место каде што руските власти не можат да ги прогонуваат“, рече Шимпфоесл. „Олигарсите никогаш не се заморувале со развојот на владеењето на правото во Русија.

Размерите на одземениот имот се запрепастувачки. Британската влада проценува дека Абрамович е „тежок“ 10,5 милијарди евра, на пример. Тој, наводно, има шест суперјахти, од кои две се закотвени во Турција, со што ги избегнал санкциите.

Членките на ЕУ запленија имот во вредност од 30 милијарди евра, од кои приближно седум се во јахти, хеликоптери, имоти и уметнички дела.

Вашингтон блокираше јахти и авиони вредни повеќе од милијарда долари. Претседателот Џо Бајден предлага трајни санкции, тврдејќи дека на олигарсите не треба да им се дозволи да уживаат во луксуз додека умираат украински деца. Фотографиите од запленетите бродови и запечатените палати предизвикуваат злоба во Русија.

Обичните Руси сакаат и богатите да плачат“, вели рускиот аналитичар Константин Калачев, цитирајќи наслов од мексиканска телевизиска серија која била популарна во Русија во 1990-тите.

Малку е веројатно дека санкциите ќе влијаат на одлуките на Путин. „Тој не се среќава со богатите Руси за да разговара со нив, туку за да им каже што мора да направат“, објаснува Калачев.

Користењето санкции за промена на надворешната политика во историјата не се покажа како нешто многу ефикасно, но тие секако ја намалуваат способноста на Русија да води војна“, тврди Најс.

Со благослов на двете страни, Абрамович беше вклучен во преговорите за завршување на војната во Украина. Некои други олигарси ја критикуваа инвазијата.

Санкционираниот банкар Олег Тинков на Инстаграм напиша дека војната е „лудило“, а руската армија ја нарече „по...на“.

Фридман повика на прекин на крвопролевањето, а Олег Дерипаска, кој е санкциониран од Велика Британија, Америка и Европа, рече дека продолжувањето на војната е „безумно“.

Експертите веруваат дека е малку веројатно дека тие ќе направат заговор против Путин. „Тешко ми е да го замислам тоа“, вели Најс.

Не е во нивен интерес прерано да истапат против Путин“, додаде Шимпфоесл.