Со доаѓањето на Доналд Туск на позицијата премиер на Полска, Виктор Орбан го загуби клучниот сојузник во Европската унија со кој може да ги кочи преговорите и да блокира предлози кои не му се по волја и не му се допаѓаат.
Но, не мораше долго да остане сам затоа што во задавањето главоболка на Брисел, се чини, му се придружи уште еден европски лидер. Словачкиот премиер, Роберт Фицо, почнува да се однесува како Орбан.
Откако спроведе ригорозна „чистка“ во редовите на полицијата, го укина специјалното обвинителство за борба против корупцијата и ги намали казните за финансиски измами, се нафрли и на медиумите. Тој предложи закон кој предвидува реструктуирање на јавната радио и телевизија – РТВС. Целта на словачката влада е јавниот сервис да го претвори во пропаганден кабинет на Фицо.
„Фицо се обидува да создаде мафијашка држава во која примарна цел е да се одржи функционирање на пирамидата на моќ“, изјави за „Политико“ политичкиот аналитичар Михал Вашечкас.
Откако беше повторно избран на премиерската функција, Фицо значително ја омекна својата антиукраинска реторика, свесен за фактот дека Брисел, доколку настапи „претврдо“, може да ги замрзне средствата од фондовите на ЕУ.
Со економија од 115 милијарди евра (БДП во 2022 година), Словачка е доста зависна од европските пари и не може толку да влијае на политиките на ЕУ како Унгарија.
Сепак, тоа не го спречи Фицо на домашен терен да ги препише потезите на Орбан за кршењето на владеењето на правото и темелните европски вредности.
Од 2004 година, истрагите на специјалното обвинителство на Словачка доведоа до бројни пресуди за случаи на корупција од висок профил, од кои многу беа поврзани со членови на владејачката партија Смер и со деловни соработници на Фицо.
Откако повторно дојде на власта, Фицо побрза да го смени кривичниот законик за да ги намали казните за корупција и го скрати рокот на застареност за тешки кривични дела како што е силувањето.
„Приоритет му е да купи неказнивост за своите послушници, да ја демонтира демократијата и да воспостави некој вид автократски режим“, вели поранешниот премиер Људовит Одор.
Фицо се сврте против медиумите, заради кои беше присилен да отстапи од власта во 2018 година, откако убиството на истражувачкиот новинар Јан Кучијак и неговата свршеница Мартина Кушнирова, предизвика масовни протести во земјата.
„Сега кога Роберт Фицо се врати на власт, посакува освета, сака да се одмазди. Тој лови новинари“, вели активистот Јан Галик.
Комесарот за правосудство на Европската комисија, Дидие Рејндерс, во декември испрати писмо до словачката влада, барајќи од неа да не го укинуваат Специјалното обвинителство. Шефот на Канцеларијата на европското јавно обвинителство, Лаура Ковеси, за „Политико“ изјави дека е „многу загрижена“ и испрати писмо до Комисијата во кое го изразува тоа, разгледувајќи го развојот на настаните во Словачка.
Потпретседателот на Европскиот парламент, Мартин Хојсик, исто така, предупреди дека Словачка би можела да го изгуби пристапот до фондовите на Унијата доколку владата на Фицо продолжи по овој нелиберален пат.
Словаците овој викенд излегуваат на гласање за да изберат претседател, а вториот круг меѓу двајцата најдобри кандидати треба да се одржи на 6 април.
(Фото: Александрос Михаилидис / шутерсток)