Алкалоид бележи раст на извозот и на нето добивката

Македонската компанија „Алкалоид“ во периодот јануари – септември годинава евидентира раст на консолидираниот извоз, раст на консолидираната нето добивка, инвестиции во износ од 603 милиони денари и 127 нови вработувања.

Според единечниот Биланс на успех, во периодот јануари – септември 2019 година, продажбите достигнуваат 6.305.476.687 денари, што е за 14% повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 8.266.092.980 денари, што е за 15% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за 7%, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 19%. Од вкупните консолидирани продажби, 35% се остварени на домашен пазар, додека 65% се остварени на странски пазари. Гледано по региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 33%, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21%, во Русија и другите земји од ЗНД се остварени 9% и на останатите пазари се остварени 2% од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во Велика Британија со продажби од 278.615.173 денари што е 2 пати повеќе од лани, Русија со продажби од 538.437.567 денари што претставува раст од 95% и САД со продажби од 194.055.288 денари што претставува раст од 69% споредено со истиот период од минатата година. Кај извозните пазари пораст бележат и следните земји: Германија раст од 51%, Украина раст од 32%, Романија раст од 24%, Косово раст од 16%, Бугарија раст од 15%, Црна Гора раст од 10%, Србија раст од 9%, Словенија раст од 9%, Хрватска 7% итн.

Гледано по групи на производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби, најголемо учество заземаат производите од сегментот Фармација и тоа 86%. Од нив поголем удел имаат ОТЦ препаратите со 22%, Кардиолошките препарати со 15%, Антибиотиците со 15%, Невролошките препарати заземаат 13% од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот Хемија, Козметика и Билкарство учествува со 14% во вкупните консолидирани продажби или поточно Хемија учествува со 2%, Козметика со 8% и Билкарство учествува со 4%.

Единечната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), која изнесува 1.308.826.329 денари, бележи зголемување од околу 22%, додека единечната нето добивка изнесува 764.835.749 денари и е зголемена за 25%.

Консолидираната добивка пред финансиски трошоци, даноци и амортизација (ЕБИТДА), достигна 1.337.473.830 денари и бележи раст од 22%, додека нето консолидираната добивка во износ од 738.604.635 денари е зголемена за 26%.

На ниво на групација нето профитната маржа за првите 9 месеци од 2019 година изнесува 8,9%, оперативната маржа е 10,4%, додека ЕБИТДА маржата изнесува 16,2%.

Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – септември 2019 година изнесуваат 602.620.282 денари. Вложувањата воглавно се наменети за проширување на производните капацитети.

Во 2019 година започнаа инвестициите во новите производни одделенија што ќе се простираат на површина од 7.000 м² и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP). Ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми. Вкупниот износ на инвестицијата е проценет на 11 милиони евра. Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

Во периодот јануари – септември 2019 година во Алкалоид се реализирани 127 нови вработувања во Република Северна Македонија. Со тоа на крајот на септември 2019 година во Алкалоид АД Скопје работат 1.576 вработени додека во друштвата и претставништвата во земјата и во странство има вкупно 536 вработени или вкупно 2.112 вработени во групацијата.

Со Одлука на Управен одбор на Алкалоид АД Скопје, во март 2019 година, одобрен е и исплатен, регрес за користење на годишен одмор на вработените во компанијата, во висина од 27.709 денари бруто, односно 24.938 денари нето, додека во август 2019 година, одобрено е зголемување на нето платата на вработените за 5,2% почнувајќи од 01.09.2019 година со што просечната исплатена нето плата за септември 2019 година достигна 46.686,00 денари.

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – септември 2019 година се движеше од 8.200,00 денари до 11.500,00 денари или просечно 8.955,70 денари за една акција. Пазарната капитализација на компанијата достигна 16 милијарди денари.

Бизнис планот за 2019 година донесен со одлука на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2018 година предвидува инвестирање на околу 16% од консолидираните продажби во материјални и нематеријални средства од сопствени извори, раст од најмалку 7% на консолидираните продажби во однос на 2018 година како и раст од најмалку 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2018 година.

Согласно досегашните резултати, при непроменети услови на пазарите во кои фунционира Алкалоид, Менаџментот на компанијата проценува надминување на планираните продажби и планираниот профит за 2019 година.