Алкалоид со раст на консолидираните продажби, двојно зголемени инвестиции и 111 вработувања

Алкалоид АД Скопје во периодот јануари – јуни годинава бележи раст на консолидираните продажби од 10 отсто, двојно зголемени инвестиции во износ од над 841 милиони денари и 111 нови вработувања.

Според единечниот биланс на успех, соопштија од компанијата, во периодот јануари-јуни 2020 година, продажбите достигнуваат 4.740.145.403 денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 6.067.515.783 денари, што е за 10 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.

Консолидираните продажби остварени на домашен пазар се зголемени за осум отсто, додека вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 10 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 34 отсто се остварени на домашен пазар, додека 66 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 35 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 21 отсто, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени осум отсто, а на другите пазари се остварени два отсто од вкупните консолидирани продажби.

Најзабележителен раст е остварен во земјите од Југоисточна Европа, со продажби од над две милијарди денари и со раст од 14 отсто, споредено со истиот период од минатата година. САД бележат раст од 16 отсто, Русија и другите земји во ЗНД раст од осум отсто, земјите од Западна Европа раст од пет отсто итн.

Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 86 отсто. Од нив поголем удел имаат препаратите ОТЦ со 23 отсто, антибиотиците со 15 отсто, кардиолошките препарати со 15 отсто, невролошките препарати заземаат 13 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 14 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со три отсто, козметиката со осум отсто, а билкарството учествува со три отсто.

Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 944.488.412 денари, бележи зголемување од околу 12 отсто, додека единечната нето-добивка изнесува 525.025.059 денари и е зголемена за 10 отсто. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 978.792.142 денари и бележи раст од 13 отсто, додека консолидираната нето-добивка во износ од 511.911.371 денари е зголемена за 11 отсто.

Вкупните инвестиции во основни средства, во периодот јануари-јуни 2020 година, изнесуваат 841.058.536 денари, што е за 99 отсто повеќе во однос на истиот период од 2019 година. Реализацијата на инвестициските активности, вредни над 12 милиони евра, наменети за проширување на производните капацитети, како и за подобрување на енергетската ефикасност и за намалување на штетните емисии во воздухот, кои започнаа во 2019 година, се одвива во согласност со планираното.

Комплетирањето на овие инвестиции е предвидено во текот на 2020 година.

Во периодот јануари-јуни 2020 година во „Алкалоид“ се реализирани 111 нови вработувања. На крајот на јуни во „Алкалоид“ во земјата работат 1.771 вработени, додека во друштвата и во претставништвата во странство има вкупно 529 вработени или вкупно 2.300 вработени во групацијата. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, во март е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата, во висина од 29.687 денари бруто, односно 26.718 денари нето.

Акциите на Алкалоид АД Скопје котираат на официјалниот пазар на „Македонска берза за хартии од вредност“ од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари-јуни 2020 година се движеше од 8.354,00 денари до 13.400,00 денари или просечно 11.949,58 денари за една акција, што претставува раст од 40 отсто во споредба со просечната цена во истиот период од 2019 година. Пазарната капитализација на компанијата на 30.6.2020 изнесуваше 17 милијарди денари.

Бизнис-планот за 2020 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје, на Седницата одржана на 27.12.2019 година, предвидува инвестирање на околу 14 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од најмалку седум отсто на консолидираните продажби во однос на 2019 година, како и раст од најмалку седум отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2019 година.

Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од пандемијата на Ковид-19. Ние во „Алкалоид“ презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во текот на вториот квартал дојде до одредено балансирање на нивото на залихите кај нашите купувачи, како и до стабилизирање на порастот на приходи од продажби. Во претстојниот период, врвен приоритет и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност. Како резултат на преземените мерки очекуваме резултатите од работењето на друштвото до крајот на годинава да се движат во рамките на веќе зацртаните плански цели за 2020 година, стои во соопштението од компанијата.