Американски воени бродови близу до Иран

Појавата на дури 17 воени бродови на само педесетина километри од брегот на Иран ја подигна дополнително напнатоста меѓу Вашингтон и Техеран која, од ден на ден, расте од доаѓањето на новиот шеф Доналд Трамп во Белата куќа.

Во денот кога Пентагон му достави на американскиот Конгрес план кој предвидува зголемување на воениот буџет на САД за дополнителни 30 милијарди долари, во согласност со ветувањето на Трамп за повторна изградба на американските вооружени сили, порталот „Брајтбајт“, близок на Белата куќа, пишуваше за „воена игра на раб на ножот“, близу до Иран.

Во тоа учествуваат воени бродови од САД, Велика Британија, Франција и Австралија.

Во акцијата е вклучена британска амфибија со 750 членови на екипажот, а зад неа се францускиот носач на авиони ФС Форбин, американскиот разурнувач УСС Мејхан и австралискиот воен брод ХМАС Арунта.

„Иако бродовите се одалечени еден од друг околу 500 метри, сите се гледаат од УСС Мејхан, на кој се наоѓа и мала група новинари. Тоа е една од трите вежби кои почнаа во вторникот и се фокусирани на неутрализирање на замислениот непријател“, се додава во тектот.

Во околината нема ирански бродови, но од Техеран е соопштено дека Американците не би требало да се осмелат да влезат во иранските територијални води. Врховниот водач на Иран ајатолахот Али Хамнеи порача, истовремено, дека „дојденецот“ Трамп го покажа „вистинското лице“ на САД, затоа што го обвини Иран дека е неблагодарен поради олеснување на санкциите, кои ги одобри администрацијата на Обама, и се закани со поостар пристап.

Минатата недела, откако Иран тестираше балистичка ракета, Трамп рече дека Техеран „си игра со оган“ и дека нема да биде љубезен кон Иранците како претседателот Обама. Одговарајќи на коментарите на Трамп ајатолахот Али Хамнеи, кој донесува конечни одлуки во Иран, рече дека Иранците не се плашат од никакви закани:
„Зошто да бидеме благодарни на претходната администрација на САД? Затоа што воведоа санкции против Иран? Поради екстремистичката Исламска држава? Затоа што го запалија регионот во Ирак и Сирија?, прашува Хамнеи, додавајќи дека коментарите на Трамп го потврдија она што Иран веќе 38 години зборува за политичката, економска, социјална и морална извитопереност на американската влада.

Иако историскиот нуклеарен договор кој во 2015 година го постигнаа Техеран и западните сили Трамп го нарече „катастрофален“, претседателот на Иран Хасан Рухани, меѓутоа, смета дека токму тој може да послужи како модел на решавање на други блискоисточни спорови и дека „доведе до безбедност и стабилност на регионот“.

Пекинг: Во судир никој не е победник

Од судирот на Кина и САД никој не би излегол победник, порача кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји кој, како што вели, сака да ги ублажи тензиите меѓу двете земји, засилени после изборот на Трамп за американски претседател.

„Не може да има судир меѓу Кина и САД, затоа што обете страни ќе загубат, а ни една од тие две страни тоа на себе не може да си го дозволи“, рече тој и истовремено ги повика светските лидери да го отфрлат протекционизмот, кој Трамп, инаку, го поддржува.