Американски сенатор: Турција нема зелено светло за влегување во Сирија

Републиканскиот сенатор Линдзи Греам, близок на американскиот претседател Доналд Трамп, ја предупреди Турција дека „нема зелено светло“ за воена операција во северна Сирија, по низата контрадикторни пораки испратени од официјалните лица на САД во изминатите денови.

„Порака до турската влада: немате зелено светло за влегување во северна Сирија. Постои голема двопартиска опозиција на тоа во Конгресот и треба да ја гледате како црвена линија што не смее да се премине. Ако сакате да ги уништите веќе кревките односи, инвазијата на Сирија ќе ја заврши работата”, твитна Греам со хаштагот #StandWithTheKurds.

Во неделата Трамп ги изненади сите најавувајќи повлекување на американските трупи од северна Сирија. Турција вчера објави дека е подготвена да почне нова офанзива против курдските Единици за заштита на народот во Сирија.

Но, соочен со обвиненија дома дека ги оставил американските сојузници, Трамп во понеделникот се премисли и се закани со „целосно уништување на турската економија“ доколку Анкара „ги премине границите“.  Турција ги смета курдските борци за терористи.