Соединетите Американски Држави вчера ставија вето во Советот за безбедност на Обединетите нации за полноправното членство на палестинската држава во ОН.
САД ја блокираше нацрт-резолуцијата со која на Генерално собрание на ОН, кое има 193 членки, му се препорачува „државата Палестина да ја прими во членството“.
Велика Британија и Швајцарија беа воздржани, додека останатите 12 членки го дадоа својот глас за резолуцијата.
„САД продолжуваат силно да го поддржуваат решението кое подразбира постоење на две држави. Ова гласање не го одразува противењето на постоењето на палестинска држава, туку со него се признава дека до него ќе се дојде единствено преку директни преговори меѓу двете страни“, рече заменикот на американскиот амбасадор во ОН, Роберт Вуд.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас го осуди американското вето како „неправедно, неетичко и неоправдано“ и во изјавата истакна дека тоа е против „волјата на меѓународната заедница, која силно го поддржува полноправното членство на Палестина“ во ОН.
Палестинското барање за полноправно членство во ОН беше поднесено шест месеци после почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа и додека Израел ги проширува населбите на окупираниот Западен Брег.
Израелскиот министер за надворешни работи, Израел Кац, го пофали американското вето, додавајќи: „Срамниот предлог е отфрлен. Тероризмот нема да биде награден“.
Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач, што е де факто признавање на државноста, а им го додели Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Но, барањето за полноправно членство во ОН мора да го одобри Советот за безбедност и најмалку две третини од Генералното собрание.
„Веруваме дека таквото признавање на палестинската државност не треба да дојде на почетокот на новиот процес, но тоа не мора да биде на самиот крај на процесот. Мораме да почнеме да ја решаваме кризата во Газа“, рече британската амбасадорка во ОН, Барбара Вудворд, во своето обраќање на заседавањето на Советот.
Пред гласањето за прием на Палестинците во ОН, алжирскиот амбасадор, Амар Бенџама, рече дека тоа ќе го зајакне, а нема да го наруши и поткопа постигнувањето на решение кое вклучува постоење на две држави и додаде дека „мирот во Палестина ќе дојде преку нејзино вклучување, а не нејзино исклучување“.
(Ангела Вејс – АФП)