Американско-иранските разговори можат да го запрат растот на цената на нафтата

LinkSense.mk

Новите сигнали за тоа дека се приведуваат кон крај преговорите меѓу американските и иранските власти за заживување на договорот за ограничување на развојот на нуклеарно оружје во Иран, можат да ја запрат цената на нафтата, која во петокот достигна повеќегодишно највисоко ниво, велат трговците.

Ако Америка ги укине санкциите кон Иран, тоа ќе придонесе за зголемување на испораките и поголема понуда на нафта на глобалниот пазар.

Европската нафта Брент поевтини за пет центи или за 0,1 отсто, на 93,22 долари за барел, на синоќешното тргување во Азија во 3.12 часот по средноевропско време, јави Ројтерс.

Нафтата Брент, која се смета за референтна за цената на светскиот пазар на „црното злато“, во петокот „заврши“ на 93,27 долари за барел, откако за време на тргувањето достигна највисоко ниво од октомври 2014 година, од 93,70 долари.

Цената на американската нафта ВТИ денеска падна за 63 центи, на 91,68 долари за барел. Америка во петокот ја обнови одлука за ублажување на санкциите, дозволувајќи продолжение на меѓународната нуклеарна соработка со Иран за проекти дизајнирани да спречат користење на иранските нуклеарни погони за развој на оружје.

Висок функционер на Стејт департментот во петокот рече дека ублажувањето на санкциите треба да овозможи технички разговори за заживување на нуклеарниот договор, но тоа не значи дека САД се на работ да постигнат договор за негово обновување.

Говорејќи под услов да остане анонимен, европски функционер рече дека највисоките претставници на двете страни во разговорите – кои се индиректни бидејќи Иран досега одбиваше да седне на маса со американските дипломати – најверојатно ќе се сретнат во вторник во Виена.

Американскиот претседател Бајден сè уште сака да преговараме во Виена… Тоа е знак на нашето убедување дека договорот не е мртов, дека мораме да го оживееме бидејќи тоа е во наш интерес“, изјави вчера вечер Роб Мали, американски преговарач за Иран, гостувајќи во една телевизиска емисија.

Од друга страна, иранскиот министер за надворешни работи во саботата оцени дека потегот на Америка за ублажување на санкциите кон Техеран не е доволен и дека Вашингтон треба да даде гаранции за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година, склучен со големите западни сили.

Израелскиот премиер Нафтали Бенет вчера изјави дека разговарал со Бајден за модалитетите да се запре иранската нуклеарна програма.

 

 

 

 

 

(Фото: ЕПА)