Америка и Европа постигнаа договор за царините на челик и алуминиум

LinkSense.mk

Соединетите Американски Држави и Европската унија постигнаа договор во повеќегодишниот спор околу посебните американски царини на увоз на челик и алиминиум, рекоа највисоките американски трговски претставници на самитот на групата Г20.

Постигнувањето на договорот го објавија американската министерка за трговија Џина Раимондо и трговската претставничка Катерин Таи, вчера на маргините на самитот на дваесетте економски сили во Рим.

Со договорот е решена една од најголемите препреки во односите на трансатланските партнери“, рече Џејк Саливен, советник за национална безбедност на американскиот претседател Џо Бајден.

Според начелната спогодба, Европската унија ќе може без царини да извезува одредени количини метали во САД. Европската комисија засега не ги коментираше овие најави.

Трговскиот спор во 2018 година го покрена тогашниот американски претседател Доналд Трамп кога воведе посебни царини на увоз на челик и алуминиум.

На таквите мерки на Трамп, Европската унија одговори со воведување на царини на одредени американски производи, на тексас панталони, виски, мотори и путер од кикирики. Трамп посебните царини ги оправдуваше со интересите на националната сигурност. Унијата тоа образложение не го сметаше за веродостојно и претпоставуваше дека целта беше да се заштити американската економија од несакана конкуренција.

Возвратните царини на ЕУ на американските производи требаше да се зголемат на крајот на оваа година, а тоа сега е избегнато со овој договор. Истовремено, договорот предвидува сигурност дека од Европската унија не можат да се извезуваат во Америка челик и алуминиум чие потекло е од Кина.

Америка ја обвинува Кина дека ја субвенционира домашната индустрија и прави нелојална конкуренција со релативно ниските цени. Во јуни годинава Европа и Америка ги укинаа казнените царини на производите како што се авиони, вино и кечап до 2026 година.

Спогодбата би требало да овозможи мирно решавање на спорот околу државната помош на американскиот производител на авиони „Боинг“ и неговиот европски конкурент „Ербас“.