Америка, Кореја и Јапонија го осудија лансирањето на ракета од Северна Кореја

LinkSense.mk

Американскиот државен секретар Антони Блинкен, заедно со министрите за надворешни работи на Јапонија и Јужна Кореја, остро го осуди лансирањето на балистичка ракета од Северна Кореја над Јапонија.

Тројцата, исто така, го осудија непочитувањето на резолуциите на Советот за безбедност на ОН од страна на Северна Кореја и длабоко дестабилизирачките последици од тоа за регионот.

Американците велат дека ова е неприфатливо

Блинкен истакна дека посветеноста на Америка за одбрана на Јужна Кореја и Јапонија останува силна и ја повтори важноста од блиска трилатерална соработка за да се бара одговорност од Северна Кореја за нејзиното неприфатливо однесување.

Денеска, за прв пат по пет години, нуклеарно вооружената Северна Кореја истрела балистичка ракета над Јапонија, која што ги предупреди своите граѓани да се засолнат. Јапонската влада издаде предупредување додека ракетата прелетуваше над таа земја, пред да падне во Тихиот Океан.

Јапонскиот премиер: Ова е варварски чин

Токио соопшти дека нема преземено одбранбени мерки за уништување на ракетата, прва што прелета над островите од 2017 година.

„Серијата акции на Северна Кореја, вклучително и повторените лансирања на балистички ракети, ги загрозуваат мирот и безбедноста на Јапонија, регионот и меѓународната заедница и претставуваат сериозен предизвик за целата меѓународна заедница, вклучително и за Јапонија“, рече владиниот портпарол Хирозаку Мацуно. Недолго потоа, јапонскиот премиер го нарече чинот на Пјонгјанг варварски.

Ракетата паднала на 3.000 километри од Јапонија

Главниот штаб на Јужнокорејската војска соопшти дека се чини оти станува збор за проектил со среден дострел лансиран од севернокорејската провинција Јаганга. Пјонгјанг веќе го користеше тоа подрачје за лансирање на своите ракети, вклучително и неколку за кои тврдеше дека биле хиперсонични.

Јапонската телевизија Асахи, повикувајќи се на неименуван извор од владата, објави дека ракетата паднала на околу три илјади километри од Јапонија.

Поради севернокорејската ракета во северните региони на Јапонија во прекин е железничкиот сообраќај, јави јапонската телевизија „НХК“. Севернокорејските ракетни и нуклеарни програми се забранети со резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации.