Анализа: Богатите земји имаат речиси милијарда дози вакцини вишок, за другите – што ќе остане

– Богатите земји се на пат да обезбедат вишок од една милијарда дози вакцини против коронавирус, додека голем дел од светот се бори да обезбеди пристап до вакцини, покажува новата анализа спроведена од кампањата Уан (ONE).

Велика Британија, САД, Канада, Австралија, Јапонија и Европската унија ќе добијат три милијарди дози од петте вакцини што се покажаа безбедни и ефикасни во клиничките испитувања, според кампањата ONE, организација која се бори против сиромаштијата.

Ова е еднакво на речиси една милијарда дози повеќе од 2,06 милијарди потребни за администрирање по две дози за цело население во овие земји. Извештајот забележува дека само вишокот дози би биле доволни за вакцинирање на „целата возрасна популација во Африка“.

– Овој огромен вишок е олицетворение на вакциналниот национализам, рече Џени Отенхоф, директорка за политика во организацијата ONE. – Богатите земји, разбирливо, не сакаа да ризикуваат и ги обезбедија дозите вакцини рано во пандемијата, но со овие трупања, потребна е масовна корекција на курсот ако сакаме да заштитиме милијарди луѓе ширум светот, потенцира таа.

За оваа неправедност вчера реагираше и генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. Тој ја критикуваше „во голем размер нерамномерна и нефер“ дистрибуција на вакцини, при што 10 земји ги зеле 75 отсто од сите вакцинации досега, оставајќи 130 земји без ниту една единствена доза.

Гутереш на состанокот на високо ниво на Советот за безбедност на САД изјави дека еднаквоста при вакцинирањето „е најголемиот морален тест пред глобалната заедница“. Тој повика на итен глобален план за вакцинација кој ќе ги обедини сите оние што имаат моќ да обезбедат достапност на вакцините за сите, од научници до производители на вакцини до оние со финансиски средства за финансирање на таа програма.