Ангела Меркел: „Ќе го победиме овој вирус!“

Германската канцеларка Ангела Меркел им порача денес на Германците дека „се гледа светло на крајот на тунелот“ и дека „ќе се победи овој вирус“, само еден ден откако побара од земјата да и прости за најавените строги мерки за Велигден.

Одлуката на Меркел во средата да се откаже од плановите за продолжено заклучување во текот на празниците како би се обиделе да го запрат ширењето на третиот бран на Ковид-19, договорена два дена порано во текот на разговорите со гувернерите на 16 германски држави, предизвика загриженост дека ја загубила контролата над кризата, пишува Ројтерс.

Во 27-минутното обраќање пред пратениците, таа рече дека знае колку животот на многу луѓе е тежок, но ги повика да размислуваат позитивно, тврдејќи дека вакцините нудат излез од кризата.

Ќе биде потребно уште неколку месеци, но светлоста на крајот од тунелот е видлива. Ќе го победиме овој вирус!“, им рече Меркел на пратениците во долниот дом на Бундестагот.

Меркел се обрати во парламентот непосредно пред самитот на лидери на Европската унија, закажан за денес, најавувајќи дека тогаш ќе се разговара за тоа како да се осигураат што повеќе вакцини да се прават на европско тло.

Британските производни локации ја снабдуваат Британија, а Соединетите Американски Држави не извезуваат, па се потпираме на она што можеме да го направиме во Европа“, рече канцеларката, пренесува Ројтерс.

Таа додаде дека мораме да претпоставиме дека вирусот со своите мутации може да не окупира уште долго, така што ова прашање ќе се протега уште долго во иднина.