Андраси: Ниту за време на блокадите во преговорите со ЕУ, Хрватска не престана да се подготвува

Хрватската амбасадорка при ЕУ, Ирена Андраси, во разговор со МИА, објаснува како нејзината земја изгради партиски консензус во текот на преговорите за членство во ЕУ, и кои биле најтешките пречки за земјата во текот на тој процес.

Слично како и за Северна Македонија, Хрватска се соочи со одлагање на почетокот на преговорите со ЕУ, во нивниот случај поради соработката со хашкиот трибунал.

-Преговорите почнаа во октомври 2005, но нашата ситуација во тој момент беше специфична затоа што ние очекувавме дека ќе добиеме позитивно мислење за отпочнување на преговорите на почетокот на таа година. Меѓутоа поради прашањето за соработката со хашкиот суд, преговорите беа одложени и почнаа шест месеци подоцна од тоа што мислевме. Но тоа ни даде прилика да почнат подготовките за преговори многу рано и структурите за преговорите да се направат месеци порано, вели Андраси за МИА.

Тоа време во Хрватска го искористиле да ја постават преговарачката структура.

-Структурата за нашите преговори вклучуваше и национален одбор за членство во ЕУ која се наоѓаше во хрватскиот парламент. Основана е со намера не само да ги надгледува преговорите и да дава мислења туку и во себе да ги обедини сите политички опции, претставници на сите политички групации. Тоа тело произлезе од политички договор на тогаш владејачката партија и опозицијата во парламентот дека ќе се преговара за членство во ЕУ со национален консензус, врз основа на договор помеѓу власта и опозицијата.

Истовремено на јавноста и се дава пристап до националната декларација за преговорите со ЕУ, која произлегува од овој одбор.

-Тоа е една специфичност на нашите преговори, дека ние цело време имавме таква политичка ситуација и ги направи преговорите поефикасни, и декларацијата и преговарачката структура осигуруваа дека во разговорите и во преговорите се застапени и позицијата и опозицијата. Освен тоа имавме претставници од академијата, од други тела, но и од граѓанското општество, плус кога имавме расправи во парламентот секогаш имавме претставници од граѓанското општество присутни. Така ги вклучивме сите чинители на општеството во преговорите со ЕУ, наведува хрватската амбасадорка.

Што се однесува до членството во ЕУ, вели Андраси, секогаш било нешто за што немало спор за тоа дека треба да се оди кон ЕУ, секако постоеја разлики околу тоа што треба да се постигне преку тие преговори, но немаше расправа за тоа дека членството е во национален интерес.

-Она што ги олесни разговорите е што постоеше свест дека мора преговорите да се водат околу некои темелни идеи. Тие темелни идеи, начела, се напишани во декларацијата. Се зборуа за процесот, кои се начелата врз кои ќе се водат преговорите, вклучително и улогата на парламентот со сите политички опции и одборот како работно тело кое ќе води сметка за сите тие различни интереси, на академската заедница, работодавците, синдикатите, и други. Таму се начелата и што ние сакаме да афирмираме во политичка, економска и финансиска смисла. И што сакаме да сочуваме во преговорите.

Она што е беше прашање кај нас е кои се областите од посебен интерес. Се разбира тешко е да се оди напред, со 35 поглавја со сите сектори вклучени.  Од друга страна требаше да се види како да се искористи процесот на преговорите за сеопфатна политичка и економска транзиција. Пробавме да го искористиме процесот на реформи во сите сектори. Тоа беше комбинација на економски консидерации, што сакаме да засилиме, дека ќе треба да се прилагодиме на пазарната економија како и демократскиот и социјалниот развој, тоа се начелата, објаснува амбасадорката за МИА.

Посебно тешки области за време на преговарачкиот процес биле рибарството, бродоградбата и општо земено, пазарните теми, како и земјоделството. На овие теми посебно се кршеле копјата помеѓу полибералните и протекционистичките струи во хрватскиот политички пејсаж.

-На пример кога имате расправа за почит на стандардите за рибарство, некои сакаат повеќе или помалку, да оди побрзо или побавно. Со ЕУ не се преговори, туку разговори. Разговарате со нив како ќе се исполнат сите услови на членство до влегувањето. Преговорите се само ако треба повеќе време за некои одредби и прашања кои се многу тешки за прилагодување од структурни причини. На пример секогаш беше прашањето дали и какво земјиште ќе продаваме, вели Ирена Андраси.

Таа објаснува како и од своја страна ЕУ сакала да го ограничи движењето на работниците на одреден период, односно седум години максимум (три плус три плус два), при зачленувањето на Хрватска во ЕУ.

-Во таа ситуација ги имате полибералните и помалку либералните. Во смисла на заштита на национални вредности од секогаш се разговарало за оние специфичности кои постојат во одредени сектори и што сакаме да ги сочуваме. На пример начин на риболов. Или одреден облик на земјоделско управување. Или за бродоградбата, на тој сектор му беше потребна поддршка за реформите, е сега дали ќе има повеќе или помалку поддршка, тоа се прашањата, дали ќе ја дадеме бродоградбата на пазарните услови или ќе има одредено ниво на државна поддршка до постигнување на ефикасност и финансиска одржливост на одредено бродоградилиште. Тоа беа тешки теми. Не би рекла дека имало конфликтни ситуации, но имаше тешки разговори. Потоа имавме консултации со управата на бродоградилиштата, со претставниците на рибарите, се работи за интензивни разговори за, во преговорите со ЕУ, да се дојде до нешто што би го задоволило националниот интерес, раскажува Андраси.

Во секој случај, вели таа, и академијата и работодавците и синдикатите соработувале на сите седници на одборот и можеле во расправите да влијаат врз тоа каква ќе биде преговарачката позиција, со своите идеи, размислувања итн.

-Во сите разни тимови од одредени подрачја, исто така имавме претставници на граѓанското општество.  Во една прилика за животна средина имаа можност директно да видат во контакт со Европската Комисија, да поставуваат прашања, да расправаат со нив, да влијаат врз позициите што владата ги усвојуваше, тоа беше начин да се вклучи јавноста во преговорите.

Дали е тоа најдобриот модел на преговори останува отворено прашање. Амбасадорката вели дека во други држави структурата била поинаква, но за Хрватска една од додадените вредности на нивниот модел е што овозможил развој на граѓанскиот сектор.

-Има колеги што сметаат дека по пример на други држави ќе беше подобро да се има посебен одбор, но тоа се различни структури, различни модели, нема идеално. Ние настојувавме да биде така и за да се развие граѓанското општество, да се развие во смисла на покривање на областите што ги интересираат. Ние имавме граѓанско општество кое се занимаваше со група теми долго време, ова беше прилика да се покријат други области и мислам дека добро се искористи, се присеќава амбасадорката.

Но таа инсистира на тоа дека во ниеден случај не се забавил ниту отежнал процесот поради оваа структура.

Конечно, слично на Северна Македонија, и Хрватска за време на своите преговори се соочи со билатерален спор, во нивниот случај граничен, со Словенија.

-Нашата аргументација секогаш беше, и до ден денес е, дека билатералните прашања од тој тип не смеат да влијаат на преговорите. Во нашиот случај, со оглед на тоа дека не можевме да го решиме прашањето, имавме ситуација каде ЕУ поради една земја членка ги забави преговорите. ЕУ немаше позиција и затоа немаше консензус за усвојување на преговарачката позиција. Десет до 14 поглавја беа опфатени, и тоа беше година, година и половина забавување. Но истовремено забавувањето се случи на неформално ниво, во смисла на отворање и затворање на поглавјата. Но ниту во еден момент нашите подготовки за членство не сопреа, раскажува Андраси.

И додава: „Ние работевме без оглед на тоа дека не доаѓаше до отворање и затворање на поглавјата, ние цело време го работевме техничкиот дел во соработка со ЕК, внатре во Хрватска и правевме сѐ што можевме, но кога прашањето се реши со одење на арбитража, цел тој труд се искористи и го вративме изгубеното време. Никогаш не се откажавме. Не си дозволивме само поради тоа не можеме формално да отвориме поглавје да влијае врз нашиот процес. Така што од една страна дојде до забавување, но сепак одработен е голем дел од техничката работа.“

Спорот со Словенија во одредена мера го зајакнала единството на политичко ниво, но предизвикало и пад на поддршката во јавноста кон ЕУ, предупредува Ирена Андраси.

-Луѓето имаа чувство дека не е фер, дека не е поштено, тогаш поддршката на јавното мислење беше доста ниска. Но, сето тоа некој начин влијаеше на желбата да се оди напред, во смисла на засилување на остварување на национална цел. Поддршката падна во тој еден момент на блокада, но кога тргнавме напред поддршката почна да се крева, вели амбасадорката во разговор за МИА.

Тања Милевска