Антиковид протести во Австралија

Повеќе илјади луѓе се собраа во Сиднеј и други градови на Австралија протестирајќи заради рестриктивните мерки воведени заради пораст на бројот на случаи со корона вирус.

Полицијата уапсила неколку лица во нередите кои се случија откако демонстрантите ја пробиле бариерата и почнале да фрлаат со шишиња, камења и други предмети на полицајците, јави АП.

Во Сиднеј демонстрантите без маски на лицето прошетале од паркот Викторија до градското собрание во центарот на градот носејќи транспаренти на кои пишувало „Слобода“ и „Вистина“.

Забележливо е големото присуство на полицијата и припадници на специјалните единици затоа што надлежните истакнале дека станува збор за недозволени протестни активности.

Полицијата на Нов Јужен Велс наведува дека го признава и го поддржува правото на слобода на говор и мирно собирање, но дека овој протест претставува кршење на одредбата за јавно здравје.

Приоритет на нашата полиција е сигурноста на широката јавност“, се наведува во соопштението.

Во последните 24 часа во оваа држава повторно се регистрирани рекордни 163 нови случаи на корона вирусот.

Новите рестриктивни мерки се воведени на пошироката територија на Сиднеј и траат веќе четири недели.

Протест имаше и во Мелбурн, каде што повеќе илјади демонстранти извикувале „Слобода“.

Во Аделаида, која исто така е во „локдаун“, беше одржан протест со автомобили, а полицијата предупреди дека ќе ги уапси насобраните заради недозволени активности.