Антикорупциска и Финансиска полиција ќе истражуваат злоупотреби во инспекторатот за животна средина

Новиот директор на Државниот инспекторат за животна средина, Сретен Стојковски, денеска, на прес-конференција, откри злоупотреби направени во институцијата со која тој сега раководи и најави истрага за нив.

„За овие десет дена, откако сум в.д. директор, имам сознанија за слабости во менаџирањето, непродуктивно работење, несоодветно трошење на над три милиони денари буџетски средства без извештаи за сработеното, немање евиденција за присуство на работа и други трошења кои ги надминуваат моите ингеренции. Поради тоа, целокупната документација ќе им биде дадена на надлежните институции – на Антикорупциската комисија и на Финансиската полиција“, рече Стојковски.

Тој информираше дека ќе спроведе целосна ревизија и инспекциски надзор на ЈП „Дрисла“, и ќе проверува кој кому му дал А-интегрирана дозвола и дали сите ги исполниле условите за тоа и најави дека значајна активност на Инспекторатот ќе биде и контролата на активностите за расчистување на малата депонија со линдан во „Охис“, почнувајќи од 15 септември 2021 и дека ќе побара зголемувње на бројот водостопански инспектори поради секојдневните проблеми со загадуавањето на водните реусрси.

Сите инспектори, подвлече Стојковски, и по завршувањето на работата остануваат во пасивно дежурство поради што граѓаните можат да сметаат на нив во секое време.

Во изминатите десет дена откако тој е в.д. директор, биле извршени шест вонредни инспекциски надзори по пријава на граѓани и по допрен глас од медиуми или портали.

Пред Стојковски, директор на Инспекторатот беше Ана Петровска. Таа беше разрешена на 4 август годинава, а за в.д. директор беше именувана во октомври лани.