Антикорупциска отвора случај за „тајните“ владини хонорарци

Државната комисија за спречување корупција отворила случај во врска со владините хонорарци, чии имиња не се обелоденети, информира претседателката на комисијата, Билјана Ивановска во емисија на ТВ Алфа, додавајќи дека ќе ги бара нивните имиња.

Сите исплати од буџетски сртедства, нагласи таа, треба да бидат јавни бидејќи буџетот се полни од јавни давачки. Според неа, многу е погрешно да се крие намената и на кого е извршена исплатата.

„Од она што добивме досега како информации забележавме дека сите исплати се извршени преку Агенција за авторски права. Се поставува прашањето дали толку многу авторски дела и требаа на Владата, од една страна, од друга страна дали анализите се авторско дело бидејќи во Законот за авторски права не стои дека анализите се авторско дело, стои пишани документи, но тоа е широк поим. Самиот Закон за авторски права кажува дека авторското дело треба да добие јавност. Според мене не само што требало да бидат кажани лицата, туку требало и самите автрорски дела да бидат достапни“, појасни Ивановска.

Претседателката на ДКСК се осврна на препораките на ГРЕКО за што потранспарентно да се објават и да се олесни пристапот до јавните информации, за сите луѓе ангажирани во Владата по било кој основ.

„Кога вршевме ревизија во Владата пред повеќе од 10 години имавме и наод дека Генералниот секретаријат на Владата е службата што треба да ја опслужува Владата“, рече меѓу другото Ивановска.

Таа смета дека Државниот завод за ревизија треба да направи секоја година финансиска ревизија на Владата.

„Мораме рационално да ги трошиме буџетските средства“, истакна Ивановска.