Арифи: Информации за пожарот откако обвинителите и сите други ќе си ја завршат работата

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи вечерва во изјава за медиумите посочи дека ќе се чекаат официјални информации за бројот на жртви и за целиот тек на истрагата. Дотогаш нема да се даваат изјави.

„И премиерот кажа дека нема да има изјави се додека не се дадат официјални информации како за бројот на жртвите, така и за целиот тек на работата. За жал, ова е сериозна, голема трагедија. Информациите ќе се чекаат откако обвинителите и сите други ќе си ја завршат својата работа, рече Арифи вечерва во Тетово.

Прашана за можните причини за пожарот, градоначалничката рече дека тоа можат да го утврдат само институциите, обвинителите и форензичарите.

„Договорено е и одлучено е да не се даваат изјави се додека не се добијат официјални податоци како во однос на прашањето колку пациенти имало во моментот и во однос на тоа која е причината за целата работа. Од што е настанат пожарот можат да утврдат само институциите, обвинителите и форензичарите.

Сите тие се на лице место, ќе работат додека имаат услови – вечерва, утре целиот ден, изјави Арифи.