Ароганцијата и резултатите – главни критериуми за „метлата“ на Заев

Ароганцијата, неисполнување на одредени очекувања на граѓаните, неагилниот однос на одредени носители на високи функции, непотизмот, укажувањата од Антикорупциска, ќе бидат критериумите врз основа на кои премиерот Зоран Заев ќе ја реализира најавената „метла“ на крајот на мај и почетокот на јуни.

Како што најави вчера, во почетокот на јуни ќе излезе комплетно со промени во раководни структури на министерско ниво, во државните институции, а крајот на јуни ќе почне и по вертикала во општините каде државата е претставена со одредни државни институции. Паралелно најави и промени во СДСМ.

Заев најави средба и со лидертот на коалициската ДУИ Али Ахмети за најавените промени на сите нивоа на власта.

„Главниот репер се граѓаните. Сите генерално очекуваме каде би се случиле промените. За мене нема пречки и предрасуди. Јас сум мандатор, мојата одговорност е да ги согледам укажувањата на граѓаните, да постапам по нив, да направам соодветни корекции, порача Заев.

Министрите велат дека ги поддржуваат најавените промени и ќе ја почитуваат одлуката ако ги зафати „метлата“ на Заев.

Досега повеќе актуелни министри, меѓу кои и вицепремиерот Кочо Анѓушев, министрите за внатрешни работи, за финансии, за транспорт и врски, за информатичко општество и администрација и за образование и наука, најавија дека ја подржуваат најавената владина реконструкција, како и тоа дека ќе ја почитуваат евентуалната одлука за нивна смена од ресорните министерства.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев вели дека е релаксиран кога станува збор за најавената „метла“ од страна на премиерот Заев и оти тоа прашање е единствено во ингеренции на самиот премиер.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески не очекува да биде меѓу функционерите кои ќе бидат разрешени, но вели дека ќе ја почитува евентуалната таква одлука.

Треба да има реконструкција, смета министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, но треба да има и смена на одредени кадри, врз основа на критериуми кои ќе бидат утврдени.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во коментар на најавите за промени  истакнува дека е задоволен од промените и реформите што се направени во Министерството и органите во негов состав, на кои, како што вели, се целосно посветени.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски вели дека ќе ја почитува евентуалната одлука и тој да биде зафатен со „чистката“ на владините функционери. – Што и да одлучи апсолутно се согласувам со таа одлука, вели Манчевски.

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, пак, прашан дали ќе биде зафатен со „метлата“, вели дека е фокусиран на активностите и работата во Министерството и ги преземаат сите активности според порано утврдената динамика.

Инаку, премиерот и претседател на СДСМ Заев најави дека по завршувањето на претседателските избори ќе дојде редот на „метлата“ која ќе чисти во јавните претпријатија, министeрствата и Владата.

Тој посочи дека ќе има промени за да се отстранат слабостите во извршната власт и оти веднаш ќе почне со анализи во одредени консултации со првите соработници.

Веднаш по изборите стигна и првата оставка од министерот за култура Асаф Адеми која, како што рече премиерот Заев ја очекувал, бидејќи тој ја најавувал повеќе од шест месеци од здравствени проблеми.