АТП листа: Мареј ја зголеми предноста, Ѓоковиќ после Мајами во уште поголем минус

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ после мастерсот во Индијан Велс има поголемо заостанување зад Британецот Енди Мареј на АТП листата и сега разликата изнесува дури 3.090 бодови.

Ѓоковиќ во Калифорнија, каде што на патот кон одбрана на титулата испадна во осмина финалето, изгуби 910 бодови, а Мареј само 35, иако беше елиминиран уште во првото коло.

Разликата ќе биде уште поизразена кога ќе излезе следната листа затоа што српскиот тенисер поради повреда нема да ја брани титулата во Мајами, заради што ќе загуби дополнителни 1.000 бодови. Ниту Мареј не ќе игра на турнирот од исти причини, но тој ќе остане без само 45.

Зад водечките двајца е Стан Вавринка, Кеи Нишикори на четвртото место го замени Милош Раониќ, додека Роџер Федерер после трофејот во Индијан велс скокна за четири позиции и сега е шести.

Поредок на најдобрите 10 тенисери:

1. (1.) Енди Мареј (Велика Британија) 12.005 бодови
2. (2.) Новак Ѓоковиќ (Србија) 8.915
3. (3.) Стан Вавринка (Швајцарија) 5.705
4. (5.) Кеи Нишикори (Јапонија) 4.730
5. (4.) Милош Раониќ (Канада) 4.480
6. (10.) Роџер Федерер (Швајцарија) 4.305
7. (6.) Рафаел Надал (Шпанија) 4.145
8. (9.) Доминик Тим (Австрија) 3.465
9. (7.) Марин Чилиќ (Хрватска) 3.420
10. (8.) Жо-Вилфред Цонга (Франција) 3.310